Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Светски познатиот 75-годишен писател Салман Ружди, кому исламистите со години му се закануваат со смрт поради фатвата објавена од иранскиот ајатолах Хомеини во 1989 година, беше нападнат и избоден во Њујорк пред предавањето кое требаше да го одржи во една библиотека.
Нападот се случи денеска во пресрет на предавањето што писателот требаше да го одржи во град во западниот дел на државата Њујорк. Како што пренесува АП, маж истрчал на бината и го нападнал Ружди, кој во тој момент на публиката ѝ бил претставен од модераторот.
Полицијата на државата Њујорк потврди дека Ружди се здобил со убодна рана во вратот и со хеликоптер бил пренесен во болница. Човекот кој го нападнал е уапсен и е во притвор.
Ружди денеска требаше да зборува во институтот Чаутаука во државата Њујорк за САД како азил за писатели и уметници, „како место за креативно изразување“, соопшти институцијата.
Од институцијата само потврдија дека настанала „вонредна ситуација“, но не сакаа да соопштат дополнителни детали.
Репортерот на Buffalo News разговарал со очевидци на бруталниот напад врз Салман Ружди. Тој за Би-Би-Си раскажал како напаѓачот излетал од публиката со црна маска, се качил на бината и почнал да го напаѓа Ружди.
Веднаш потоа, 10 до 15 луѓе кои дошле да го слушаат Ружди дотрчале да му помогнат на писателот и го совладале напаѓачот. Ружди лежел на бината околу пет минути, а потоа публиката му помогнала да стане и го симнале од бината. Подоцна бил евакуиран со хеликоптер во локалната болница.
Новинарот наведува дека Ружди често патувал со силно обезбедување.
„Тешко е да се поверува дека тој немал значително обезбедување со себе“, рече тој, а потоа додаде: „Очигледно, нападот се случи само неколку секунди пред почетокот на програмата“.
Американскиот ПЕН, организација посветена на литературата и правото на слобода на изразување, реагира на денешниот напад врз Салман Ружди.
„Не можеме да замислиме каков било инцидент што може да се спореди со денешниот јавен насилен напад на писател на американска територија. Ружди посвети огромна енергија за да им помогне на писателите на кои им се закануваа и покрај фактот што со децении беше прогонуван поради сопственото пишување“, стои во реакцијата на претседателката на американскиот ПЕН, Сузан Носел.
Носел истакнува дека Ружди ѝ испратил е-пошта само неколку часа пред нападот и ѝ понудил да помогне во поставувањето на дела од украински писатели.
„Се надеваме и веруваме дека неговиот суштински глас не може и нема да биде замолчен“, додаде таа.
Гувернерот на американската сојузна држава Њујорк се заблагодари на полицијата за „брзата реакција“ по нападот врз Салман Ружди.
„Нашите мисли се со Салман и неговите најблиски кои го следат овој ужасен настан. Наредив полицијата да направи сѐ што е потребно за да помогне на истрагата“, објави Кети Хочул на Твитер.
Полицијата на државата Њујорк објави дека напаѓачот го повредил и модераторот кој требало да го интервјуира Ружди. За среќа неговите повреди се полесни, информираат од полицијата.