Познати нацрт амандманите: Рамковниот договор влегува во Преамбулата!


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Македонија доживува своевидно „ребрендирање“ како врз самото име, така и врз основните постулати на државата. Со Преспанскиот договор, а и со Тиранската платформа, македонските власти ќе извршат промена и врз Преамбулата, каде зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, a се додаваат зборовите „и на Охридскиот рамковен договор“.

Премиерот Зоран Заев на прес-конференција изјави дека се работи за четири „едноставни амандмани“ кои треба да се преточат во Уставот.

Првиот амандман се однесува на замената на зборовите „Република Македонија и Македонија со зборот Северна Република и Северна“. Измената ќе се однесува на сите членови освен на Членот 36 каде, според Заев, има историски аспект и тој треба да се зачува.

Во преамбулата зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „прогласот на АСНОМ“ и се додава Охридски рамковен договор кој со тоа, рече Заев, „ќе биде конститутивен елемент на државата“.„Охридскиот рамковен договор е дел од Уставот, само тука се додава формулацијата Охридски рамковен договор“, изјави премиерот.

На дополнително новинарско прашање, Заев рече дека Рамковниот договор и досега „беше целосно вграден во Уставот, а кога веќе се отвора Уставот, редно е да биде вграден и насловот како наш конститутивен елемент“.

Владата го утврди текстот на нацрт амандманите и ги достави до Собранието. Четирите Нацрт амандмани се објавени на сајтот на Владата.

ТЕКСТ НА НАЦРТ – АМАНДМАНИТЕ XXXIII, XXXIV, XXXV И XXXVI
НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Овие амандмани се составен дел на Уставот на Република Македонија и влегуваат во сила со денот на влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од страна на Република Грција

АМАНДМАН XXXIII

Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36.

АМАНДМАН XXXIV

Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „и на Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.

АМАНДМАН XXXV

Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.
Со точката 1 на овој амандман се дополнува членот 3.

АМАНДМАН XXXVI

Републиката го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ.
Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.
Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство.
Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
Со овој амандман се заменува членот 49 од Уставот на Република Македонија.