Екстра

Повторно отворена истрага за Дјатловиот превој – што им се случило на планинарите најдени без јазици и очи?

На почетокот од 2019 година, руските надлежни служби повторно ја отворија истрагата за разрешување на една од најголемите мистерии на 20. век, која пред 6 децении се случи на планината Урал, во тогашниот СССР.

Случајот е познат како мистеријата Дјатловиот превој, а станува збор за смртта на деветмина планинари кои исчезнале ноќта меѓу први и втори февруари 1959 година на Урал.

Постојат разни теории за нивната смрт. Во едната се споменуваат вонземјани, а според друга, тие биле убиени од страна на ловци од уралското племе Манси (тие превојот го нарекувале „Деветмина мртви“, па тука е пронајдена и симболиката). Има и теорија дека планинарите настрадале од радиоактивно зрачење, а постои и една што вели дека биле убиени од ѕвер.

Едно нешто е сигурно – седумтемина планинари и двете планинарки под водство на Игор Дјатлов, студенти на Политехничкиот институт од Екатеринбург и планинари со искуство, биле зафатени од бура. Што се случило потоа, никој не знае.

Потрагата почнала по осум дена од бурата, била ангажирана и војската, а она што го виделе на самото место била глетка од која се заледува крвта.

Се знае дека поставиле камп во близина на местото каде што се пронајдени телата. Двајца мажи биле пронајдени замрзнати на крајот од шумата, биле во долна облека и се обиделе да се загреат со оган. Уште три тела биле пронајдени на патот кон кампот, меѓу кои бил и самиот Дјатлов.

Мистеријата се јавила кога биле пронајдени останатите четири тела. Тие биле пронајдени во мај, дури кога се стопил снегот, и биле облечени во облеката на нивните колеги најдени на крајот од шумата.

Останува прашањето зошто носеле туѓа облека, зошто на телата им биле извадени очите и јазиците, им биле скршени ребрата и нагмечени мозоците. Во близина на кампот не се пронајдени никакви траги, па сите се чуделе што ги натерало планинарите панично да бегаат.

Истрагата утврдила и други чудни околности. Шаторот во кампот бил исечен од внатрешната страна, што сугерира дека планинарите очајнички се обидувале да се извлечат.

Игор Дјатлов

За случајот не се зборувало многу во времето на СССР и тој е актуализиран дури во 90-тите години, а интересот за случајот го поттикнал истражителот Лав Иванов, кој оценил дека причината за нивната смрт била природна сила која луѓето не биле во состојба да ја совладаат. Под поимот природна сила тој подоцна потврди дека подразбирал паранормална појава, без разлика дали станува збор за вонземјани или снежниот човек Јети.

Ова тврдење сега го потврдува и „Комсмолскаја правда“, најпродаваниот руски таблоид.

За можноста тоа да бил Јети им сугерирал „угледен лекар“, кој, наводно, од страв од академската заедница сакал да остане анонимен. Неговата теорија е јасна – причината за смртта на барем двајца планинари е напад од ѕвер. На подрачјето на Урал има и кафеави мечки, а со оглед на тоа дека тие во тој период се во фаза на зимски сон, за него е далеку пологична претпоставката дека станува збор за мистериозно суштество отколку за животно.

Advertisements
To Top