Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Седницата на Судскиот совет за избор на нов претседател, која беше закажана по контроверзното разрешување на Весна Дамева минатата недела на 26 април, доживеа второ одложување.
Од Советот ја потврдуваат информацијата дека денешната седница се одложува, но засега нема информации од кои причини и за кога ќе биде закажана нова. Во текот на денот најавија дека ќе објават соопштение на веб-страницата.
Седницата за избор на нов претседател беше закажана како итна веднаш по разрешувањето на Дамева, за 27 април. Тогаш, првично почетокот на седницата се пролонгираше за два часа, додека неофицијалните информации говореа дека внатре ситуацијата е тензична. Кога започна, заменик-претседателот Селим Адеми ја одложи за денеска со објаснување дека не се присутни сите 13 члена со право на глас (отсутна беше само Мирјана Радевска-Стефкова), а кога се бира претседател пожелно е сите да се присутни. Сепак, неофицијалните информации говореа дека одложувањето е што нема потребен број од осум гласа „за“ за избор на нов претседател.
Претходната претседателка Весна Дамева беше разрешена со седум гласа откако таков предлог даде Адеми. „За“ гласаа тој и уште шест други члена: Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиевски, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска.
За разрешување претседател на Судскиот совет нема предвидено процедура во Законот за Судски совет и во Деловникот за работа. Начинот на кој Дамева беше отстранета од функцијата предизвика низа реакции кај стручната јавноста, кои беа во насока дека за таа да биде разрешена од претседателка во ситуација кога нема предвидена процедура треба да биде разрешена како член на Судскиот совет. Како што реагираше и Коалицијата „Сите за правично судење“, за Дамева да се разреши од член, пак, потребна е дисциплинска постапка која предвидува процедура што трае одреден период во кој и странката има право на одговор, а потоа кога ќе дојде моментот за гласање неопходни се осум гласа „за“ не сметајќи го тој на предлагачот.
На седницата на 27 април, Адеми одбегна да им одговори на новинарите дали разрешувањето е законско и неколку пати повтори дека има институции кои треба да го утврдат тоа.
Подоцна, во интервју за „Порталб“ тој излезе со креативно толкување за разрешувањето на Дамева и за тоа што во Законот не се предвидени постапки за такво нешто велејќи дека „сè што не е забрането со Устав и закон е дозволено“.