Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Најмалку три кинески метрополи со вкупно над 18 милиони жители се затворени од кинеските власти во обид да се запре ширењето на смртоносниот нов вирус, од кој заболеа стотици луѓе и кој се шири во другите делови на светот за време на кинеската Лунарна нова година, пренесува Мкд.мк.
Железничката станица и аеродромот во Вухан, епицентарот на епидемијата, се затворени, а фериботите, метрото и автобуската служба се запрени. Вообичаено раздвижените улици, трговски центри, ресторани и други јавни места во градот со 11 милиони жители се морничаво тивки. Полицијата ги проверува сите возила што влегуваат во градот, но не ги затвори патиштата.
Слични мерки се воведени и во околните градови Хуанганг и Ечжоу. Во Хуанганг се затворени и киносалите, интернет-кафулињата и други центри за забава.
Во главниот град Пекинг на неодредено време се откажани големите настани, меѓу кои и традиционалните саеми, за да се запре ширењето на вирусот. Забранетиот Град, комплексот на палатата во Пекинг, кој сега е музеј, најави дека в сабота ќе биде затворен на неодредено време.
Националната здравствена комисија на Кина утрово соопшти дека потврдените случаи на новиот коронавирус се искачиле на 830 со 25 смртни случаи. Потврдена е и првата смрт надвор од централната провинција Хубеи, каде што главниот град Вухан е епицентарот на епидемијата. Здравствената комисија во Хубеи, северна провинција што граничи со Пекинг, соопшти дека 80-годишен маж починал откако се вратил од двомесечен престој во Вухан кај роднините.
Огромно мнозинство заболени се во Вухан или околу него или луѓе со врски во градот. Други случаи се потврдени во САД, Јапонија, Тајван, Јужна Кореја и Тајланд. Сингапур и Виетнам ги објавија своите први случаи во четвртокот, а потврдени се и заболени на кинеските територии на Хонг Конг и Макао.
Многу земји ги прегледуваат патниците од Кина за симптоми на вирусот, кој може да предизвика треска, кашлање, тешкотии во дишењето и пневмонија.
Кинеските власти не соопштија колку долго ќе трае затворањето на градовите. Првите случаи од епидемијата во Вухан беа поврзани со луѓе што работеле или посетиле пазар на морска храна, кој сега е затворен заради истрага. Експертите се сомневаат дека вирусот за прв пат бил пренесен од диви животни, но дека може и да мутира. Мутациите можат да го направат посмртоносен или позаразен.