Потврда и од премиерот Заев: Сè поизвесно е дека официјална Софија утре ќе стави вето за старт на преговорите на ЕУ со Македонија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Откако тоа го најави шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, по неколку часа и премиерот Зоран Заев ја потврди информацијата дека официјална Софија во вторник, на Советот на минстри, ќе стави вето за старт на преговорите на Европската Унија со Македонија.

Захариева, во интервју за бугарската телевизија „БТВ“ кажа дека ќе го блокираат стартот на преговорите со ЕУ бидејќи македонската страна не ги исполнувала обврските од Договорот за добрососедство и не е подготвена за старт на преговори.

„Ние велиме ‘не’ за почеток на преговори, а не за членство на Северна Македонија во ЕУ. Бугарската политика отсекогаш била ориентирана кон поддршка на земјите од Западен Балкан за идно членство во Европската Унија, но не веруваме дека во овој момент тие се подготвени и ги исполнуваат условите за почеток на преговорите. Целата нивна државна политика продолжува да се базира на омраза кон соседна земја и нејзините луѓе. Нема како да кажеме „да“ во оваа фаза“, изјави Захариева.

Крадење на историја, негирање на Бугарија, говор на омраза, неисполнување на договорот за пријателство, Коридорот 8 се причините со кои Захариева ја правда одлуката за вето, а од денеска за официјана Софија проблем е и чествувањето на Јосип Броз – Тито.

„Не може од една страна да сакаш да си во ЕУ и да го демократизираш општеството, а истовремено да го чествуваш еден од најмрачните диктатори – Тито. Ако продолжиме да ги затвораме очите пред фактот дека државата продолжува да се развива по начинот замислен од Тито и Сталин, и вршиме работа на Москва“, рече Захариева.

Премиерот Зоран Заев, од Струмица, најави дека бугарското вето е се поизвесно. За прв пат тој не беше оптимист околу исходот од Советот на министри кој ќе се одржи во вторник и каде според најавите Бугарија ќе го испорача своето вето.

„Јас сум подготвен и го подготвив македонскиот народ за евентуална блокада и за евентуално вето. И тоа е поприлично извесно. Ако кажете во проценти колку, повеќе во проценти е извесно од тоа да добиеме позитивно. Но, сепак никогаш не ја губам надежта затоа што одговорноста е голема кај политичарите. До декември има време, до крајот на декември е можноста за првата меѓувладина конференција“, изјави премиерот Заев и додаде дека очекува „крик на пријателство“ од бугарската страна заради тоа што кај нас имаат пријатели.

Заев објасни дека доколку Бугарија не е задоволна со текот на исполнувањето на обврските од Договорот за пријателство и добрососедство ќе може во текот на преговорите да стават вето.

„Ако не се од нешто задоволни од исполнувањето на Договорот имаат можност 130 пати низ 34 поглавја да стават вето или блокада, затоа што Договорот со Грција и Договорот со Бугарија, се составен дел. Тие се меѓународни договори кои имаат своја реализација“, рече Заев.

Зборувајќи за исполнувањето на Договорот тој ја посочи мешовитата историска комисија каде е постигнат сериозен напредок.

„За 20 месеци одржавме 10 седници. Германија – Полска, Германија – Чешка, исти вакви комисии првите резултати ги имале на десет години од составувањето на Комисијата или се состануваат еднаш годишно. Овде имаме за 20 месеци 10 состаноци, во декември имаме следен состанок, што ќе се одржи меѓу двете комисии. И за Гоце Делчев сме блиску, во духот на заедништвото, и верувам во сето она што во иднина ќе биде предизвик“, објасни премиерот.

Заев уште еднаш апелираше на градење на пријателски односи, почит и зближување меѓу двата народи.

„Нашиот братски македонски народ никогаш не би ставил блокада и вето на бугарскиот. Јас знам дека бугарскиот народ не сака блокада или вето на македонскиот народ. Не треба двата народи никој да ги одалечува, треба да ги зближува. Двата народи се со заедничка историја, со заедничко минато и од нив се развиле денешните македонскиот и бугарскиот народ. Одговорноста останува на политичарите со сите одлуки кои ги носиме. Ако се позитивни, историјата ќе испише златни и позитивни букви, ако се негативни ќе испише горчина“, рече Заев.

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, потврди дека официјална Софија се погласно зборува за вето и додаде дека не знае каков ќе биде исходот но македонската страна ќе работи до последниот момент.

„Се додека постои уште простор, постојат денови пред нас, постои и можност да се разговара и да се рефлектира приближувањето на ставовите, но одлуката ќе биде донесена на Советот на министри на ЕУ. Не можам да кажам кој ќе биде исходот. Очигледно дека во Република Бугарија се понагласено се зборува за неприфаќање на рамката од нивна страна, но ние ќе продолжиме да работиме, да разговараме не само со Република Бугарија, туку со сите земји – членки, бидејќи немаме алтернатива од европскиот пат“, изјави Османи.