Потенцијално населивата планета TOI 700d – прво откритие на TESS од НАСА


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


TOI 700d е најновата откриена егзопланета која во вселената ја детектираше Транзитниот пребарувачки егзопланетарен сателит (TESS) на НАСА.

Транзитниот пребарувачки егзопланетарен сателит (TESS) на НАСА ја откри својата прва планета со големина на Земјата во населивата област на нејзината ѕвезда, каде што има совршени услови за постоење на течна вода, а со тоа и на живот.

Наречена TOI 700d, планетата е најновата во низата потенцијално населиви планети со големина на Земјата најдени низ галаксијата.

Тоа е најоддалечената планета најдена во орбитата околу TOI 700, мала, студена џуџеста ѕвезда, која се наоѓа на нешто повеќе од 100 светлосни години оддалеченост во јужното соѕвездие Дорадо и има приближно 40% од масата и големината на Сонцето и околу половина од температурата на неговата површина.

Планетата е за околу 20 проценти поголема од Земјата, ја заокружува својата орбита на секои 37 дена и од својата ѕвезда добива 86% од енергијата што Сонцето ѝ ја дава на Земјата.

„TESS беше дизајниран и лансиран специјално за пронаоѓање планети со големина на Земјата што орбитираат околу околните ѕвезди“, рече Пол Херц, директор на одделот за астрофизика во седиштето на НАСА во Вашингтон. „Планетите околу блиските ѕвезди најлесно се следат со поголеми телескопи во вселената и на Земјата. Откривањето на TOI 700d е клучно научно откритие на TESS.“

TESS следи големи делови од вселената, наречени сектори, истовремено во текот на 27 дена. Овој долг период на набљудување му овозможува на сателитот од наша перспектива да ги следи промените во осветленоста на ѕвездата предизвикани од преминувањето на планетата што орбитира околу неа, настан наречен транзит.

Иако точните услови на TOI 700d не се познати, тим истражувачи во Годард-центарот на НАСА ги користеле информациите што се познати, како што се големината на планетата и видот на ѕвездата околу која орбитира, за да генерираат серија компјутерски модели и да направат предвидувања.

Една симулација открила свет покриен со океан опкружен со густа атмосфера во која доминира јаглерод диоксид, слично на условите што научниците сметаат дека ги имал Марс кога бил млад. Друг модел ја прикажува TOI 700d како верзија на модерната Земја без облаци и цела со копно.

„Возбудливо е затоа што, без оглед што откриваме за планетата, тоа ќе изгледа сосема поинаку од она што го имаме тука на Земјата“, рече Габриел Енглеман-Суиса, водач на тимот за компјутерско моделирање.