Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Кина, претседавачката на конференцијата КОП15, даде предлог секоја година да се соберат најмалку 20 милијарди американски долари меѓународна помош за биодиверзитетот до 2025 година, односно 30 милијарди до 2030.
Земјите во развој побараа помошта од богатите земји за заштита на природата, која сега се проценува на седум до 10 милијарди долари, да се зголеми на 100 милијарди долари за година.
Имајќи предвид дека преговорите на Обединетите нации за нов глобален договор за заштита на природата се при крај, Кина вчера изнесе предлог текст со кој се формираше договорот за заштита на биодиверзитетот. Кина, која претседава со самитот во Монтреал поради ситуацијата со ковидот, верува дека договорот е многу добар компромис за почнување соодветна акција.
Преговарачите (претставници на 195 земји плус Европската Унија) на Конвенцијата за биодиверзитет денес, врз основа на предлогот на претседавачот, склучија мировен договор со природата.
Главните точки на договорот се:
– Одржување, зајакнување и обновување на екосистемите, вклучувајќи запирање на изумирањето на видовите и одржување на биодиверзитетот.
– „Одржливо користење“ на биодиверзитетот – обезбедување дека видовите и живеалиштата може да продолжат да го прават она што го прават за човештвото, како храна и чиста вода.
– Осигурување дека ресурсите кои доаѓаат од природата, како медицината која доаѓа од растенијата, се споделува фер и еднакво и дека се заштитени правата на домородните заедници.
– Плаќање и вложување ресурси во биодиверзитетот: осигурување дека парите стигнуваат таму каде што се потребни.
Земјите од југот бараа и формирање нов светски фонд за биодиверзитет, како тој договорен во ноември во Египет, кој ќе им помага во соочувањето со последиците од климатските промени. Околу тоа Кина предложи компромис, односно до 2023 во постоечкиот Светски фонд да се формира гранка за биодиверзитет.
Кина го истурка предлогот најмалку 30 отсто од копното и морето да се стават под минимално ниво на заштита, дозволувајќи одржливо искористување на ресурсите на заштитените подрачја.
Таа цел е минимумот за научниците кои заговараат најмалку 50 отсто од планетата да бидат заштитени, и се смета за еквивалент за биодиверзитетот на париската цел за ограничување на глобалното загревање на 1,5 Целзиусови степени. Во овој момент заштитени се само 17 отсто од копното и осум отсто од морето.