Последното обраќање на Фон дер Лаен


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Процесот на проширување на Европската Унија треба да се забрза, порача актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен на пленарната седница на Европскиот парламент.

Таа, во говорот за состојбата на ЕУ, наведе дека иднината на Украина, Западниот Балкан и Молдавија е во Унијата.

„И знам колку е важна европската перспектива за многу луѓе во Грузија“, кажа Фон дер Лаен.

Таа кажа дека во блокот од 27 земји се потребни реформи и ја поддржа ревизијата на Договорот за Унијата „ако и каде што е потребно“, но порача дека не треба да се чека тоа да се случи за да се забрза европската интеграција.

„Унија која е спремна за проширување може брзо да се постигне, а предуслов за тоа е да се одговори на практичните прашања како Унијата со повеќе од 30 земји ќе функционира во пракса“, истакна таа.

Фон дер Лаен, чиј мандат на челото на Европската комисија во првата половина го одбележи пандемијата на коронавирусот, а потоа војната во Украина, го одржа последниот говор за состојбата на Унијата пред европските избори.

Таа на почетокот прво им се обрати на гласачите, особено на младите кои следната година првпат ќе излезат на европските избори

„За нешто помалку од 300 дена Европејците ќе излезат на избори во нашата единствена и исклучителна демократија. Како и на секои други избори, ќе биде тоа време луѓето да се осврнат на состојбата на нашата Унија и работата која ја вршат оние кои ги претставуваат“, наведе Фон дер Лаен.

Тоа, како што додаде, ќе биде време на одлука за тоа каква иднина и каква Европа сакаат.

Урсула фон дер Лаен истакна денес дека сака да продолжи примената на Зелениот пакт со гаранција за „праведна и фер транзиција“, во време кога се пружа сè поголем отпор за еколошката регулатива на ЕУ.

„Кога станува збор за Зелениот пакт за Европа ќе го задржиме тој курс, ќе останеме амбициозни, нема да скршнеме од нашата стратегија на раст. И секогаш ќе настојуваме да гарантираме праведна и фер транзиција“, оцени таа во говорот во Европскиот парламент во Стразбур.

Кажа дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува европската индустрија во текот на таа транзиција, и дека се воведени низа мерки од прописи околу индустријата со нулта емисија на штетни гасови до регулативи за критичните суровини.

Најави бројни мерки за поддршка на енергијата на ветер и ја истакна потребата од забрзување на издавањето на дозволи.

Фон дер Лаен најави денес дека Европската комисија ќе отвори истрага за кинеските државни субвенции за електрични возила за да ја одбрани европската индустрија наспроти „вештачки ниските цени“.

„Светските пазари денес се преплавени со евтини кинески електрични возила, чија цена вештачки се држи ниска со огромни јавни субвенции“, кажа таа.

„Европа е отворена за конкуренција, не за нивелирање на пониско“, додаде Фон дер Лаен.

Таа им оддаде и признание на земјоделците и укажа дека се под растечки притисоци врз својата работа и приходите, почнувајќи од конфликтот во Украина, климатските промени со сушите, пожарите и поплавите кои ги предизвикуваат, како и од новите обврски.

Кажа дека ЕУ сака да почне стратегиски дијалог за иднината на земјоделството во блокот.