Последиците од коронавирусот допрва ќе ги погодат сиромашните земји – нивните шанси во таа битка се рамни на нула


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Над 2 милиони заразени и над 126.000 починати лица во светски рамки од КОВИД-19 е црната статистика која ја бележат официјалните податоци. Оздравеа речиси половина милион, а проценката за тоа до кога временски ќе трае пандемијата сѐ уште не е возможна.

Со коронавирусот тешко се носат и најбогатите светски земји во кои животот веќе со недели е парализиран. Луѓето живеат во услови какви што не се забележани ни во воена состојба, економските загуби се мерат во илјади милијарди долари, а дури и најдобрите здравствени системи безмалку се распаѓаат под притисокот на пандемијата.

Во Кина, Италија, Шпанија, Британија и САД, земјите најтешко погодени од пандемијата, кривата на заразените и умрените многу бавно се израмнува, но трендовите укажуваат дека доаѓаат до врвот на епидемијата и дека кривата набрзо треба да тргне надолу.

Но, како што се наведува во извештајот на Интернешнел рескју комити (ИРЦ), непрофитна хуманитарна организација, на сиромашните земји и земјите од третиот свет им претстои катастрофа. Во нив вирусот сѐ уште не се раширил, а само прашање на време е кога тоа ќе се случи. А тоа земји немаат никакви шанси во таа борба, наведува ИРЦ.

Венецуела, една од најголемите извозници на нафта и земја со најголеми природни нафтени резерви во светот, од 2010 година е во катастрофална криза. Таа почна под власта на поранешниот претседател Хуго Чавез, а продолжи и во мандатот на Николас Мадуро и ги погоди сите аспекти на животот во таа земја, па и здравството.

Според податоците на ИРЦ, од Венецуела се иселиле повеќе од половина од медицинскиот персонал, а девет од десет болници немаат доволно материјал за основната работа. Станува збор за земја со речиси 29 милиони жители во која има само 84 кревети за интензивна нега, односно околу 0,3 на 100.000 жители. За споредба, просекот на ЕУ е 11,5. Се предвидува дека економската криза во Венецуела ќе биде уште потешка, а кога коронавирусот ќе почне да се шири, здравствениот систем ќе колабрира. Во таа земја во моментов има 197 случаи на заразени, но тоа е само почетокот.

Најголемата хуманитарна криза во поновата историја се случува во Јемен, во која на 24 од 28 милиони жители им е потребна хуманитарна помош. Граѓанската војна речиси целосно ја уништи земјата во која 17 милиони луѓе се гладни, а досега 85.000 деца помлади од пет години умреа од глад. За возрасните нема податоци.

Во Јемен само половина од државните болници се во функција, а две третини од населението немаат пристап ни до лекар по општа пракса. Ограничен е и пристапот до вода бидејќи во конфликтите е целосно уништена инфраструктурата па во Јемен трае најголемата епидемија на колера во модерната историја со повеќе од милион заразени и 2.200 мртви. Првиот случај на коронавирусот беше забележан минатата недела и ИРЦ и Црвениот крст предупредуваат дека ќе дојде до катастрофа со невидени размери ако на Јемен итно не му се помогне.

Помош ќе му треба и на Јужен Судан, кој исто така е погоден од глад, а на крајот на февруари заврши седумгодишната граѓанска војна која ја уништи земјата. На 11 милиони жители има само 24 кревети за интензивна нега и 4 респиратори. Единствената добра вест е дека Јужен Судан е државата со најголем процент луѓе помлади од 18 години (речиси 50 отсто) кои по правило се поотпорни на коронавирусот, но недостигот од медицинска помош би можел да биде кобен.

Ситуацијата е критична и во многуте бегалски кампови во Сирија, Бангладеш и Грција. Станува збор за статистички најнаселените области во светот каде илјадници луѓе се набуткани во многу мал простор. Таму исто така се очекува експлозија на коронавирусот, а населеноста е и 8,5 пати поголема отколку на крузерот Дајмонд принцес на кој коронавирусот се ширеше четири пати побрзо отколку во Вухан. Со едноставна математика лесно може да се пресметаат размерите на катастрофата доколку вирусот влезе во тие кампови.

ИРЦ ги повика светските лидери веднаш да насочат 30 отсто од глобалната хуманитарна помош кон овие земји, да им ги укинат санкциите и да не дозволат во нив да се случи најголемата хуманитарна катастрофа во историјата.