После средба со кинески авиони, австралиски пилоти ќе одат на психолошко советување


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Поради тоа што се верува дека средбата со кинески воени авиони над Јужно Кинеско Море била трауматична за австралиските пилоти, понудено им е психолошко советување, изјави командантот на Кралското австралиско воздухопловство (РААФ) вицемаршалот Дарен Голди.

„Важно ни е менталното здравје на нашите авијатичари и луѓето кои доаѓаат во контакт со пресретнувања во воздух. Кога ќе ги вратиме, неопходно е да разговараме со нив за преживеаното искуство“, кажа Голди за Еј-би-си и додаде дека специјалното внимание е главно за членовите на екипажите кои не се во пилотското седиште бидејќи имаат помала контрола при тензичните средби.

Според Голди, напредувала и подготовката на австралиските пилоти за мисиите имајќи предвид дека се менува оперативната атмосфера над Јужно Кинеско Море.

На поголем дел од површината на ова море територијални претензии имаат повеќе земји, пред сè Кина, па Виетнам, Филипини, Малезија, Тајван и Брунеи.

САД и нивните сојузници, вклучувајќи ја Австралија, во последно време спроведуваат чести поморски и воздушни мисии во Јужно Кинеско Море, бидејќи Вашингтон „ги оспорува прекумерните морски претензии низ светот без оглед на идентитетот на поднесувачот“.

Шефот на РААФ Роб Чепмен истакна дека актуелно е „поагресивно однесување“, мислејќи на акциите на кинеските пилоти. „Кога тоа ќе се случи, ние поставуваме прашања по дипломатски канали“, кажа тој.

Минатиот јуни Канбера го обвини Пекинг за опасно пресретнување – неколку недели претходно кинески борбен авион Ј-16 испуштил „остатоци“ на траекторијата на австралискиот поморски патролен авион П-8. Според тврдењата на австралиската војска, потегот на кинескиот пилот довел до тоа моторот на авионот на РААФ да вшмука фрагменти од алуминиум.

Кинеското министерство за одбрана соопшти дека акциите на кинескиот авион биле разумни и легални бидејќи австралискиот авион ги загрозил суверенитетот и безбедноста на Кина. Пекинг се противи на воените акции на Канбера во регионот.