После него поезијата не беше иста: 198 години од раѓањето на Шарл Бодлер


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Францускиот поет Шарл Бодлер е роден во Париз на 9 април 1821 година, во куќата на аголот од улицата Отфеј и булеварот Сен Жермен, како син на Франсоа Бодлер и Каролина со моминско презиме Аршанбо-Дефаи.

Животот на Бодлер

Во 1827 година умрел неговиот татко, а веќе следната година, мајка му се премажила за мајорот Жак Опик, одликуван учесник во походите на Наполеон. Во 1837 година, на еден гимназиски литературен конкурс, Бодлер ја добил втората награда за стиховите напишани на латински, а две години подоцна бил исфрлен од гимназијата, поради тоа што не сакал да му го даде на професорот писменцето дофрлено од еден соученик.

Во 1840 година, Бодлер се запишал на правниот факултет и почнал да ужива во слободите на студентскиот живот. Се смета дека токму во овој период Бодлер се заразил со сифилис. Загрижени поради другарувањето на Шарл со повеќе млади поети и неговата јавна боемија (со која тој се запознал во Латинскиот кварт), неговите родители решиле да го одделат од развратниот Париз и да го пратат на подолго патување. На 9 јуни 1841 година, Шарл Бодлер заминал за Калкута. Во февруари следната година, со бродот „Алсид“, шест месеци порано отколку било предвидено, Бодлер се вратил во Париз, каде се запознал со мулатката Жана Дивал, статистка во еден помал париски театар. Врската со неа, и покрај повремените прекини, траела до крајот на Бодлеровиот живот. Многу песни во неговата најпозната збирка поезија – Цвеќињата на Злото – се инспирирани токму од оваа Црна Венера.

Во 1845 година, во весникот „Артист“, излегол сонетот „На една креолка“, потпишан со името Бодлер-Дифаи. Во 1847 година, Бодлер се запознал со артистката Марија Добрен која, несомнено била инспирација за неколку песни од Цвеќињата на Злото. Револуционерната 1848 година, Бодлер ја пречекал со пушка о рака и со еден постојан извик кој од неговата уста ќе одекнува низ улиците на Латинскиот кварт: „Генералот Опик на стрелање!“. Кон крајот на оваа година се појавил неговиот прв превод на едно дело од Едгар Алан По.

Во 1851 година, Теофил Готје го запознал Бодлер со Аполонија Сабатје, љубовница на еден богат банкар, која во својот салон собирала познати имиња од културната елита на Париз. Наредните години, Бодлер постојано ѝ испраќал писма и свои песни никогаш не откривајќи го сопствениот идентитет. Во Ревија на два света (Revue des deux mondes) се појавиле осумнаесет песни на Бодлер со белешка дека се дел од идната збирка Цвеќињата на Злото. Во 1856 година излегле Необични приказни од Едгар Алан По, во превод на Бодлер.

На 25 јуни 1857 година, годината во која умрел генералот Жак Опик, од печат излегла највлијателната збирка поезија на XIX век – Цвеќињата на Злото чиј наслов го предложил Иполит Бабу. Во недовршениот нацрт на предговорот на „Цвеќињата на злото“, Бодлер напишал: „Оваа книга не е напишана за моите жени, ќерки и сестри, ниту за жените, ќерките и сестрите на мојот сосед. Тоа им го препуштам на оние кои имаат интерес да ги спојат добрите дела со убавиот јазик. Некои ми рекоа дека оваа поезија би можела да нанесе зло; не се израдував на тоа. Другите, со добра душа, дека таа би можела да прави добри работи; и тоа не ме натажи.“

Неколку дена подоцна, во весникот Фигаро, се појавил остар напад на збирката со посочување на песните што, според авторот на написот, се неморални. Набргу потоа, била издадена наредба за запленување на целиот тираж на збирката и било покренато обвинение против авторот и издавачот на делото. Пред судењето, Бодлер ѝ напишал писмо на Аполонија Сабатје, откривајќи го својот идентитет и песните што ѝ се нејзе посветени, и притоа ја замолил да интервенира во негова корист кај судиите. Судењето се одржало на 20 август и било одлучено Бодлер да плати казна од 300 (подоцна е намалена казната на 50 франци, на молба на Шарл), а издавачот од 200 франци. Исто така, изданието било запленето, а за шест песни, кои биле прогласени за крајно неморални, било одлучено дека не смеат да се печатат во ниту едно од наредните изданија на делото. Осудата на Цвеќињата на Злото била симната дури по една ревизија на процесот, одржана во 1949 година.

Во 1858 година, излегле Авантурите на Артур Гордон Пим на По, во превод на Бодлер, како и првиот дел на Вештачките раеви. Вториот дел од оваа книга излегол две години подоцна. По појавувањето на второто издание на Цвеќињата на Злото, во Лондон, англискиот поет и критичар Алџернон Чарлс Свинберн објавил еден напис за Бодлер во кој мошне високо го оценил неговото творештво.

Во 1864 година, во весникот Фигаро, се појавиле неколку песни во проза со заеднички наслов Сплинот на Париз. Следната година, Маларме ја објавил песната во проза Книжевна симфонија, чиј втор дел бил посветен на делото на Бодлер. И Пол Верлен објавил неколку написи за Бодлер полни со воодушевување. Во меѓувреме, здравствената состојба на Бодлер се влошила. Две години подоцна, откако ја об збијавил збирката Прибирци, при посетата на црквата Сен Лу во Намир, Бодлер претрпел мозочен удар. Како последица од него, тој ја изгубил моќта на говорот и по неколку месеци бил префрлен во една болница во Париз, каде имало поставено само една слика на Мане и една копија на Гоја. Тука, му свиреле дела на Вагнер.

На 31 август 1867 година, Бодлер умрел во рацете на мајка си, а бил погребан на 2 септември на гробиштата на Монпарнас, покрај својот очув, генералот Опик.

Поезијата на Бодлер

Поезијата на Бодлер е тажна историја на оние заблуди со кои бил полн неговиот живот. Тоа е историја за неостварениот стремеж кон идеалот, на одвратните слики на падот и на страшните маки во моментите кога ќе се појавела свеста. Во една негова песна („Маченица“) пред нас меѓу огледалата, сликите и шарените плакати е и трупот на жена чија глава лежи на масичката. Поетот размислува за нејзиниот убиец и заклучува дека ликот на убиената ќе го следи убиецот до гробот. Исто така е страшна сликата која ги опишува труповите на жителите на Цитра, во „Пат на островот Цитра“.

На луцидните моменти, кога поетот се спуштал од сферите на своето болно мечтаење во областа на реалните интересирања, им ги должиме неговите најдобри песни. Оној кој декадентите го сметале за духовен водач на целото безумие, на моменти бил вистински реалист, проповедник и критичар на порокот. Во моменти на свесниот однос кон животот, тој не само што лие солзи врз човечките страдања, туку му стануваат и јасни причините поради кои настануваат тие страдања. На поетот м усе чини дека целиот свет загазил во вечен грев. Таква е песната „Пијанството на убиецот“. Во една од неговите најубави песни „Патување“ чудните морнари раскажуваат за она што го виделе. Бодлер тежнеел кон идеал, и целата негова поезија на тага и протест е создадена врз база на тоа урнато тежнеење („Икарова тажаленка“).

Тој се фаќа за убавината како за најголемо богатство, и како за единствениот пат кој води кон идеалот („Химна на убавината“). Но на крајот, неговата немирна душа со ништо не може да се задоволи, па тој се враќа на трансот и илузијата („Скршено ѕвоно“). Му останува само да сонува за плави хоризонти („Пејсаж“), или да се предаде на виното кое го ослободува духот од секојдневните грижи („Душата на виното“). Побуна на Бодлер е побуна во името на крајната слобода на личноста.На опшествениот морал поетот на „Цвеќето на злото“ го протиставува моралот на слободната единка. Воопшто кај овој поет индивидуалната слобода е еден од највисоките идеали.

ЛЕЗБОС

Мајко на игрите римски, на страстите грчки,
Лезбос, каде што бакнежот е лишен од грубост
и свежина или врелост истура со врчки
и на ноќите и дните е украс и убост;
мајко на игрите римски, на страстите грчки,

Лезбос, каде што на слап бакнежите личат,
спремни без страв, лудо, смело в понор да се втурнат,
и, брзајќи, својот плач со прекини да го сричат,
зовриени во својата длабочина бурна;
Лезбос, каде што на слап бакнежите личат,

Лезбос, каде што Фрини меѓу себе се љубат,
каде што нема воздив што поминал без одек,
и за ѕвездите си исто како Пафос убав,
каде гневот на Венера кон Сафо е роден;
Лезбос, каде што Фрини меѓу себе се љубат,

Лезбос, земјо каде што секоја ноќ е врела,
и каде пред огледало – о неплодни страсти! –
девојките своите ги милуваат тела,
во нивната зрелост тајни наоѓајќи сласти;
Лезбос, земјо каде што секоја ноќ е врела,

нека ја мурти Платон својата веѓа строга,
во бескрајни бакнежи ти прошката ја земаш,
кралу над сите острови, крају горд и богат,
каде што крај на сластите никогаш им нема.
Нека ја мурти Платон својата веѓа строга.

Ти во вечното мачење прошката ја земаш,
во мачењето што срце горделиви дави,
тие што кон нејасниот насмев веднаш стремат,
што тој меѓу едни други неба ќе се јави;
ти во вечното мачење прошката ја земаш.

Боговите судии смеат ли да ти бидат
и својот збор на осуда сега да го речат,
ако тежината не можеле да ја видат
на солзите што од тебе во морето течат?
Боговите судии смеат ли да ти бидат?

Не се за нас со закони испишани плочи.
Девици чисти што гордост на остров сте секој,
вашата религија е достојна за почит;
во вашата љубов нема ни Небо ни Пекол.
Не се за нас со закони испишани плочи.

Бидејќи Лезбос ме одбра мене меѓу сите
за тајната на цветните девици да пеам,
од детството бев упатен во црниот вител
на темните липоти и развратната смеа;
бидејќи Лезбос ме одбра мене меѓу сите.

И оттогаш искачен на врвот вечно демнам,
небаре стражар со око сигурно и остро,
дали брод, во денот светол или ноќта темна,
ќе затрепери далеку во синиот простор;
и оттогаш искачен на врвот вечно демнам

да видам морето дали проштева и гали
и дали ќе го донесе, во вечерта бледна,
до Лезбос, каде што бранот плаче меѓу скали,
прекрасниот труп на Сафо, која појде еднаш
да види морето дали проштева и гали,

на Сафо, љуубовницата полна машки страсти,
поубава од Венера во цртите бледи;
– врз синилото сега црнилото се пласти
и врз ноќното небо од болките се следи
на Сафо, љубовницата полна машки страсти !

– Поубава од Венера што над светот стои,
и ги истура зраците на својата младост
и на спокојот син богатствата свои
врз Океанот кој бара во ќерка си радост;
поубава од Венера што над светот стои !

– На Сафо, што загина од безбожното дело,
кога без размисла самата својот култ го згазна
и му го даде како плен прекрасното тело
на еден бедник што смрт ѝ додели за казна –
на Сафо, што загина од безбожното дело.

И од тоа време Лезбос тажна има душа
и, макар што светот му ја укажува честа,
тој тагува додека секоја ноќ ги слуша
криковите на пустите брегови и места !
И од тоа време Лезбос тажна има душа !

Влијанието на Бодлер врз развитокот на англиската и француската литература е навистина големо. Најголемите француски писатели воопшто не ги штеделе епитетите за Бодлер. Така, само четири години по неговата смрт, во писмото до Пол Демени, од 15 мај 1871 година, Артур Рембо напишал дека „Болдер е највидовит, тој е крал на поетите, вистински Бог. Но, сепак, тој живеел во премногу уметничка средина и неговата форма, која толку многу ја фалат, често е закржлавена“. Во 1895 година, Стефан Маларме издава еден сонет во чест и сеќавање на Бодлер Le Tombeau de Charles Baudelaire (Гробот на Шарл Бодлер). Марсел Пруст во еден свој есеј, издаден во 1922 година, деклaративно изјавува дека заедно со Алфред де Вињи, Бодлер е „најголемиот поет на XIX век“.