После 14 години: Извинување на Димитров од име на Македонија до Ел Масри


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Првиот човек на македонската дипломатијата, Никола Димитров, пред 7 дена испрати писмо во кое официјално во името на Македонија му се извини на Калед ел-Масри, човекот што противправно беше заробен и држен во изолација и потоа предаден на ЦИА.

Германскиот државјанин со либанско потекло Калед ел-Масри во 2004 година беше заробен во Скопје и три недели потоа бил предаден на ЦИА, во рамки на тајната програма на американската агенција за предавање и мачење, која беше усвоена по терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година.

Димитров во писмото изрази „искрено извинување и безрезервно жалење” за она што го опиша како „несоодветно однесување на нашите власти” поради кои Масри „претрпел неизмерно болно искуство и крајно сериозни физички и психолошки повреди“, објави Фондацијата отворено општество.

Ел-Масри во 2012 година го доби случајот против Македонија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Тогаш Македонија плати 60 илјади евра отштета за нелегално постапувано.

На 13 декември 2012 година, во случајот што Иницијативата за правда при фондациите Отворено општество го започна во име на Ел-Масри, Големиот судски совет на Европскиот суд за човекови права одлучи дека Македонија прекршила неколку одредби од Европската конвенција за човекови права.

Извинувањето на Македонија го поздравија меѓународната иницијатива за правда и американското здружение за граѓански слободи кои го застапуваат Масри пред американските судови. Тие велат дека ова е само прв чекор во откривањето на целата приказна за Масри и за нелегалните операции на ЦИА.

По нападите на 11-ти септември 2001-ва, американската ЦИА почна широка операција за откривање на терористи низ целиот свет. Поради замена на идентитет, Масри беше соомничен и фатен во Табановце во новогодишната ноќ 2003-та. Бил чуван во скопски хотел кај зоолошката градина и предаден на ЦИА истиот месец, по што бил однесен во Авганистан.

Ел-Масри тврдеше дека бил заробен во Македонија како дел од програмата на ЦИА и бил жртва на „невообичаено испорачување” на ЦИА. Тој ја посочи Македонија како одговорна за ова тешко искушение.

Откако ниту со мачење ниту со испрашување не било потврдено дека тој навистина е терорист, Масри бил донесен во Албанија и пуштен. Македонија е првата земја која изгуби случај за ваквите акции на ЦИА.

Џамил Даквар (Jamil Dakwar), директорот на Програмата за човекови права на американската Унија за граѓански слободи, изјави:

„Срдечно го прифаќаме формалното извинување на Македонија, но сепак тоа е првиот чекор во откривањето на целосната вистина за противправното киднапирање на Ел Масри и неговата тортура. Исто така, тоа е очигледен потсетник за крајниот неуспех на Америка да најде одговорност кај своите службеници за сериозните прекршувања на законите на САД и на меѓународните закони, нешто што е многу важно за спречување слични настани во иднина. Ел Масри заслужува правда и ништо помалку од целосна и транспарентна истрага на оние што се одговорни за надзор и спроведување на програмата на ЦИА за предавање на лица осомничени за тероризам и тортура. Исто така, тој заслужува формално извинување и отштета да му помогне него и неговата фамилија повторно да го изградат својот живот“.

Американската Унија за граѓански слободи го застапува Ел Масри во случај против владата на САД, што сега се разгледува од Интер-американската комисија за човекови права. Исто така, американската Унија за граѓански слободи го застапуваше Ел Масри во тужба пред федералниот суд на САД, што беше одбиена врз основа на објаснување дека со случајот би се откриле „државни тајни“.

Во 2014 година, во извештај на Комисијата за разузнавање при Сенатот на САД за програмата за тортура на ЦИА се потврдува дека Ел Масри бил заробен по грешка и дека ЦИА се обидела да ги сокрие грешките и да ја избегне одговорноста за истите. Во извештај на генералниот инспектор на ЦИА детално е опишана истоштувачката тортура на која бил изложен Ел Масри, како и очигледното игнорирање на неговото физичко и ментално здравје додека бил во затвор.