Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Аудиоводич на седум јазици ќе можат да користат посетителите на античкиот локалитет Хераклеја крај Битола. За посетителите на античкиот град веќе има дигитално решение, информативни табли каде со скенирање на кодот со мобилниот телефон туристите добиваат информации за 12 точки на локалитетот на седум јазици: македонски, англиски, албански, германски, француски, италијански и полски.
Во Битола се одржа завршен настан на Проектот „Смарт кул тур“, кофинансиран од страна на Европската унија и Министерство за локална самоуправа, во рамките на вториот повик на ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија, каде општина Битола е водечки партнер. Заедничките активности се имплементираа во соработка на општината со уште четири партнери и тоа: НУ Завод Музеј и Младинскиот културен центар од Битола и Општина Пустец и Регионалниот Директорат за култура од Корча. На денешниот настан, беа презентирани реализираните активности и постигнатите проектни резултати.
Во изминатите 28 месеци додека траеше реализацијата на проектот опфати беа активности од инфраструктурен карактер во Хераклеја: осовременување на пристапната патека до театарот, поставени единици за контрола на влез на посетители, опремување и осовременување на просторот за продажба на сувенири и на музејскиот простор на Хераклеја, кој долг период беше затворен и недостапен за посетителите поради инфраструктурни проблеми за кои сега од Завод и Музеј Битола велат дека се надминати.
„Поставен е лифт на лица со попреченост и пристапни рампи кои за првпат овозможија на оваа група на граѓани да присуствуваат на културните настани и да доаѓаат на видиковецот од каде ќе можат да го видат целиот локалитет“, рече Мери Стојанова, директорка на Завод и музеј-Битола.
Со овој проект е извршено подобрување на пристапноста до археолошкиот локалитет Хераклеја, но и инфраструктурно уредување во самиот локалитет. Преземени се чекори кои го поттикнуваат развојот на туризмот во регионот Пелагонија – Корча со реализирани повеќе инвестиции, а истовремено се создава можност за промоција и заштита на културното и природното наследство, со цел овозможување на рамномерен и одржлив социоекономски развој во прекуграничниот регион. Како локална самоуправа, не застануваме тука и веќе работиме на повеќе проектни апликации, за кои очекуваме поддршка од европските фондови“, рече градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, рече дека проектот продолжува со нови содржини.
„Проектот се покажа како добар, па и од следниот повик ЕУ одобри втора фаза во која ќе се реновира дворот во Пациото и објектот ‘Парк’ кој е до Офицерскиот дом и сите знаеме каква руина е. Вкупниот проект е 1,2 милиони евра. На македонска страна е над 800 илјади евра и околу 150 илјади евра што ќе ги кофинансира Министерството за локална самоуправа“, рече министерот Милевски.
Со проектот „Смарт кул тур“, преземени се чекори за развој на туризмот во регионот Пелагонија и Корча преку поставување постојана поставка во Музејот „Стерјо Спасе“ во с. Глобочани, Општина Пустец; реновирање на музејската поставка во археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис, како и овозможување пристапност за лицата со посеби потреби, до театарот и видиковецот во Хераклеја.