Портпаролот Тонер: Цел на САД е силна Македонија интегрирана во евроатлантското семејство


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Појаснување за американската политика во Македонија од вршителот на должност портпарол на Стејт департментот Марк Тонер.

Американскиот Стејт департмент ја поддржува работата на Амбасадорот Џес Бејли, се вели во одговорот на прашањето на Гласот на Америка на македонски, по шпекулациите во некои медиуми дека амбасадата во Скопје не зборува од името на администрацијата на САД. Тонер беше дециден дека нема промена во американската политика спрема Македонија.

Американската политика во Македонија е да ја поддржи евро-атлантската интеграција на државата и реформите потребни за напредување кон таа цел. Тоа вклучува поддршка за демократските реформи, владеењето на правото и целосно имплементирање на договорот од Пржино, кажа тој.

Контроверзата се разви во Македонија откако од амбасадорот на САД беше побарано да ги коментира последните политички настани кои се однесуваат на напорите за формирање влада. Соопштенијата од ВМРО-ДПМНЕ кои уследија, сугерираа дека ставот на амбасадата на САД не е во согласност со политиката на новата администрација на Доналд Трамп. Толкувањето е изведено од одговорот на новинарско прашање, каде меѓу другото амбасадата кажа го следиме процесот на формирање на влада и ги поттикнуваме страните да ги продолжат разговорите во насока на формирање на нова влада.

Тонер потврди дека насоките за амбасадарот Бејли и неговиот тим се да “работат во партнерство со македонските власти како и со граѓанското општество за унапредување на американската политика и целите на САД”, додавајќи дека Стејт департментот има полна доверба во амбасадата и во амбасадорот во Македонија.

Вршителот на должност портпарол во американскиот Стејт департмент нагласи дека САД како пријатели на Македонија силно ги поттикнуваат сите страни да го почитуваат владеењето на правото, демократските процеси и меѓународните обврски на Македонија. Ние сакаме да видиме силна Македонија, на патот кон станување членка на евро-атлантското семејство, рече Марк Тонер за Гласот на Америка на македонски.