Пораст на потрошувачката и цената на струјата – ЕЛЕМ тврди дека нема да има проблем со снабдување


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Ниските температури кои најверојатно никој не ги очекуваше ја принудија земјава деновиве да врши вонреден увоз на електрична енергија по многу високи цени.

Состојбата дополнително се искомпликува и со дефектите во најголемиот енергетски капацитет РЕК Битола, а сега веќе и со исклучувањето на далноводите од страна на Грција и најавата од Бугарија дека ќе го стои истото поради зголемените потреби од струја. ЕЛЕМ убедува дека и покрај вртоглавиот раст на цената од ден на ден нема да има проблеми во снабдувањето со струја, ниту пак ќе влијае на финансиската состојба на компанијата.

За увезената струја од 8 јануари до денеска ЕЛЕМ плаќаше просечно од 140 до 170 евра за мегаватчас. На вчерашната аукција, која се реализира по исклучувањето на далноводот од Грција и најавата од Бугарија и се однесува за периодот од 14 до 22 јануари, се очекува цената да надмине и 200 евра за мегаватчас.

Потребите според тендерот за набавка на електрична енергија за 14 и 15 јануари се за 7.200 мегават часа, а за 16 јануари во два лота треба да се обезбедат 20.160 мегаватчаса.

Досегашниот увоз на електрична енергија, односно за периодот од 8 до 12 јануари ја чинеше ЕЛЕМ 1,9 милиони евра.

Од ЕЛЕМ велат дека овој трошок ќе го поднесе компанијата и нема да има промена на цената на струјата за крајните потрошувачи.

Негативните финансиски импликации во целост се нивелирани со додадената вредност од продажбата на вишоци на електрична енергија што АД ЕЛЕМ ја реализираше во ноември и декември, како и од вишоците што компанијата ќе ги реализира во наредниот период. Средствата за таа намена АД ЕЛЕМ во целост ги обезбеди од сопственото работење, велат од ЕЛЕМ.

Колку пари остварила компанијата од продажба на електрична енергија во ноември и декември не може да се види бидејќи на интернет страната има податоци дека компанијата остварила приход од 0,186 милиони евра од струја што ја испорачала во ноември, а ја продале во октомври.

Инаку струјата што деновиве ЕЛЕМ и ја продава на компанијата ЕВН, чија основна дејност е дистрибуција и снабдување со електрична енергија до потрошувачите, е по регулирана цена од 41 евро за мегават час, што е далеку пониска цена од набавната. Тоа го потврди во изјава деновиве и директорот на компанијата Христијан Мицкоски.

Продавачите на електрична енергија на слободниот пазар, пак, велат дека цената на електичната енергија ќе оди уште нагоре како резултат на ниските температури во Југосточна Европа и затворањето на капацитетите на далекуводите и потешкотиите струјата да се донесе од Централна Европа.

За јавноста е нејасно како РЕК „Битола“ во најпотребниот момент откажува, ако се знае дека компанијата спроведе проект за ревитализација и модернизација на термоеклектраната Битола.

Компанијата за таа намена во 2012 година подигна и кредит од Дојче банка од 49,232 милиони евра кој беше наменет за продолжување на животниот век на котлите, односно на термоелктраната Битола за 20 години. Ревитализацијата и модернизацијата на блокот 2 и блокот 3 во ТЕ Битола требаше да се спроведе во 2013 и 2014 година.

Тогаш беше најавено дека инвестицијата ќе се овозможи непречена работа на РЕК Битола и по 2016 година. Сега се поставува и прашањето што се случи со ревитализацијата на производните капацитети на термоелектраната.

Од ЕЛЕМ иако ги прашавме што е ревитализирано со тие пари, не ни одговорија. Не добивме одговор ниту на прашањето кога ќе биде оспособена термоелектраната за целосно производство.

Професорот Атанско Туневски вели дека менаџментот има пропусти во подготовката на капацитетите.

Се е јасно, нема што да се коментира. Има пропусти во управувањето на ЕЛЕМ и РЕК Битола. Парите за ревитализација и модернизација на РЕК Битола најверојатно не завршиле таму каде што треба и сега има испади и проблеми кои се плаќаат со висока цена на струјата, вели Туневски.

Стручната јавност сепак не е многу расположена во однос на активирањето на ТЕЦ Неготино во овие услови.

Професор Константин Димитров оценува дека активирањето на ТЕЦ Неготино ќе биде поскапо од увозот на струја.

Ќе беше поскапо и подолго ќе траеше да ја палевме Неготино. Најмалку 30 часа е процесот на палење на термоцентрала и цената ќе беше идентична како оваа што ја набавивме преку ноќ. И нормално ќе биде нешто поскапо, вели тој за Радио Слободна Европа.

Проценките на ЕЛЕМ која не управува со оваа термоелектрана се дека ангажирањето на ТЕЦ Неготино е неисплатливо бидејќи во старт производството на струја би чинело над 200 евра за мегаватчас.

Но никој не може да каже до која висина ќе оди цената на електричната енергија бидејќи временските услови од кои се погодени земјите од Југоисточна и Централна Европа ја зголемија потрошувачката и побарувачката на струја. Дополнитлено има и застој на повеќе термоенергетски и нуклеарни капацитети во регионот и во земјите од Централна Европа, па сега ќе треба да се носи електрична енергија од Централна Европа која ќе биде далеку повисока од очекуваното.

Грција веќе реагираше и од вчера воведе забрана за физички трансакции и го исклучи далноводот кон Македонија, односно не дозволи транзит на енергија. Истовремено, и соседна Бугарија ги разгледувала опциите за затворање на сопствената интерконекција кон соседните земји што дополнително ќе го отежне увозот на струја.

Од ЕЛЕМ сепак убедуваат дека нема да има застој во испораката на електрична енергија.