Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Европската комисија повика на Унгарија да ѝ бидат скратени околу 7,5 милијарди евра од европските фондови поради загриженост за корупција.
Комесарот Јоханес Хан, задолжен за буџет и администрација, рече дека оваа бројка изнесува околу третина од кохезиските средства што земјата ги добила од буџетот на ЕУ, пренесува Евро њуз.
За Брисел, препораката на Советот за усвојување на оваа казнена мерка е следниот чекор во процесот на механизмот за владеење на правото што го започна против Унгарија во април.
Механизмот, одобрен само неколку недели претходно од Европскиот суд на правдата по предизвиците од Будимпешта и Полска, му дозволува на Брисел да воведе финансиски санкции на земјите-членки „за да го заштитат буџетот“ доколку се смета дека ги прекршиле основните вредности на ЕУ.
Одлуката за изрекување на финансиската казна беше донесена едногласно од страна на комесарите, рече Хан, за време на вонредната седница на колегиумот одржан рано изутрината.
Хан истакна дека Будимпешта навела 17 поправни мерки откако Брисел го започна механизмот за условување и дека тие „во принцип треба да можат да ги решат проблемите опишани во известувањето“. Тој наведе дека тие вклучуваат „систематски неправилности“ во процесот на јавни набавки, судир на интереси на владини претставници и слабости во истрагата и гонењето на случаите поврзани со ЕУ фондовите.
Тој, исто така, нагласи дека тоа е само доколку тие се спроведат соодветно и дека временската рамка е сè уште „многу тесна“ и дека за конкретна промена во практиката исто така ќе биде потребно време.
„Ризикот за буџетот во оваа фаза останува, така што не можеме да заклучиме дека буџетот на ЕУ е доволно заштитен“, продолжи тој.
Ова соопштение на Европската комисија доаѓа само три дена откако европратениците изјавија дека Унгарија повеќе не е целосно функционална демократија, туку „хибриден режим на изборна автократија“.
Во својата резолуција, европските пратеници вината за отстапките во владеењето на правото во Унгарија ја препишуваат директно на премиерот Виктор Орбан.