Поради супервештачење, судењето за трагедијата кај Ласкарци закочено – семејствата на загинатите револтирани


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Супервештачењето во рамки на судскиот процес за автобуската несреќа кај Ласкарци, на кое се чека една година, повторно е причина за нови одложувања на рочишта, но и за протест на семејствата на загинатите.

Тие денеска пред Основниот кривичен суд со солзи во очите, но и со огромен револт бараат виновниците за несреќата да одговараат, пренесува 360 Степени.

Како што велат некои од членовите на семејствата на загинатите, судијката Дијана Груевска денеска им испратила судски службеник да им каже дека судењето повторно се одложува.

Тие велат дека барањето за супервештачење судијката Груевска го поставила баш во завршните зборови, пред самиот крај на овој долг и мачен судски процес за семејствата на жртвите.

Од Основниот кривичен суд Скопје, пак, по денешните изјави со соопштение хронолошки објаснуваат дека проблемот не е кај нив туку кај вештаците од Бирото за судски вештачења.

Оттаму потенцираат дека испратиле дури девет ургенции до Бирото за судски вештачење за навремено изработување на супервештачењето и за ургенциите и за одолговлекувањето велат дека го известиле Судскиот совет, а за случајот го запознале и министерот за правда.

„Заради сето тоа, оштетените треба да знаат дека судот заради сензибилноста на случајот ја водеше постапката со забрзано темпо и покрај ограничувањата од ковид-мерките. Медиумите и невладините организации беа присутни на секоја расправа и е одговорено на сите барања од странките. Но, во овој момент судот, исто како и оштетените и другите странки во постапката, веќе цела година е во исчекување на наодот од Бирото за супер вештачења, па заради тоа ги упатуваме оштетените, одговор да побараат и самото Биро со оглед да на нашите ургенции, а и целиот медиумски интерес за предметот, не влијаат за побрзо завршување на постапката“,се вели во судското соопштение.

Од судот потсетуваат дека предметот на 21 декември лани бил испратен за супервештачење во Бирото за судски вештачења со цел да состави тим на вештаци откако претходно Техничкиот факултет во Битола одби да го изврши вештачењето поради недостиг на стручни лица.

По речиси десет месеци откако предметот беше испратен во Бирото, во октомври годинава оттаму побарале да извршат увид во автобусот за да може да го финализираат наодот. Добиле дозвола од судот, а потоа побарале уште една и сега увид треба да прават на 29 ноември.

„Бирото за судски вештачења има побарано дозвола за увид во возилото, за да може да го финализираат наодот, која дозвола судот веднаш по добиеното барање, на 07.10.2022 година, им ја има издадено. Во меѓувреме, судот насрочи неколку термини за продолжување на расправата заради добиено ветување од Бирото дека привршуваат со вештиот наод. За потоа Бирото да побара нова дозвола за увид, која на 10.11.2022 година им е издадена за повторно да вршат увидот на 29 – ти ноември“, велат од судот.

Бирото за судски вештачења треба да одговори каде е застојот во судењето за несреќата кај „Ласкарци“, вели Џолев

За случајот со несреќата кај „Ласкарци“ денеска прес конференција одржа и партијата Алијанса за Албанците од каде велат дека истрагите за автобуските несреќи на „Дурмо турс“ во Ласкарци и на „Беса транс“ во Бугарија не добиваат епилог поради судството контролирано не само од политиката, туку и од групи кои имаат интереси.

Нивниот пратеник Аднан Незири на прес-конференција во Собранието рече дека целата јавност денеска била сведок на скандалозна постапка на судот.

„Денеска уште еднаш настрадаа семејствата на загинатите во трагедијата во Ласкарци со откажување на седницата со најбанално оправдување дека не е извршено супервештачење. Алијанса за Албанците оценува дека супервештачењето е измислено токму за оваа цел – да се одложат рочиштата и да се заштитат одговорните за трагедијата и сите неправилности поврзани со овој случај“, рече Незири.

Посочувајќи дека вчера беше навршена една година и од трагедијата со автобусот на „Беса транс“ во Бугарија, пратеникот во име на Алијанса за Албанците апелираше до органите на правдата да стават крај, како што рече, „на исмејувањето со жртвите и нивните семејства“.

„Овие скандалозни случаи го прават неопходен ветингот и радикалните реформи во судството, обвинителството и во други органи на државниот систем“, додаде Незири.