Попоски: ЕУ да даде временска рамка за проширувањето


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Министерот за надворешни работи во заминување Никола Попоски денеска пред новинарите даде отчет за Министерството со кое раководел, при што рече дека ЕУ треба да го смени односот кон земјите кандидати и да даде временска рамка со која ќе се одреди кога таа земја ќе биде примена во ЕУ.

Од европска перспектива, она што тие го поставуваа како критериуми и како политика во последно време беше многу флуидно. Знаеме дека ЕУ информираше неколкупати дека нема да има проширување, но, сепак, ја имаме поддршката Балканот да биде дел од ЕУ. Сметам дека треба да се дефинира временска рамка, на пример до 2020 или до 2040 година, Македонија да биде членка во ЕУ и при тоа до тогаш да ги исполни основните барања што ги постави Унијата, функционални институции, владеење на правото и слично затоа што процесот не завршува со влез во Унијата, овие области и натаму се надградуваат, рече Попоски.

Во однос на спорот со името со Грција, Попоски истакна дека од оваа позиција не може да дава прогнози дека тоа прашање ќе биде затворено.

Не можам да прогнозирам каков ќе биде епилогот, но можам да кажам дека во последните години има значаен напредок во односите со јужниот сосед и имаме една позитивна клима која ја чувствуваат и граѓаните, рече Попоски.

На новинарско прашање дали екс министерот ќе биде функционер во раководството во партијата или пратеник, тој рече:

Немам планови за одредени позиции или функции, ќе се вратам во Собранието и ќе бидам пратеник и ќе работам во интерес на подобрување на состојбите во нашата држава. Она што ме прашувате дали ќе бидам лидер на ВМРО ДПМНЕ, можам да кажам дека тоа се главно политички мотивирани информации или шпекулации, со цел да се создаде слика на едно неединство во партијата, додаде Попоски

Во неговиот отчет за министерувањето зборуваше за проектите спроведени од МНР и повтори дека главна цел била ЕУ интеграцијата, а тоа го покажала осум пати едноподруго препорака за почеток на пристапните преговори.