Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Претседателот Стево Пендаровски, по средбата со полскиот лидер Анджеј Дуда во Скопје, оцени дека Полска ја разбира позицијата во која се наоѓа Македонија и прави напори за надминување на пречките со кои сме соочени, и тоа не само билатерално, туку и преку Вишеградската група, како и преку другите регионални форуми во кои членува. Варшава, порача Пендаровски,секогаш била наш силен и гласен поддржувач во евроинтеграцијата, по што тој возврати со исто таква поддршка за Полска околу кризата со мигрантите на границата, со која се соочува сега.
-Изразив целосна солидарност и поддршка за ситуацијата на полско-белоруската граница. Целосно се неприфатливи постапките на властите во Белорусија со кои се оркестрира оваа хуманитарна криза, порача Пендаровски, давајќи му поддршка на Дуда за темата што очигледно му беше најважна денеска.
Полскиот претседател притоа нагласи дека нападот на полската граница, како што го нарече тоа што се оркестрира од Белорусија, е напад на НАТО и ЕУ, бидејќи Полска е нивна членка, а загрозени се и Литванија и Латвија. Колку и значи на Варшава ова прашање се виде и од тоа што Дуда ги спомна сите потези на солидарност на Полска кон Македонија од времето на бегалците од граѓанската војна во Грција, преку земјотресот во 1963 година до 200.000 вакцини што денес ги донесе во Македонија како донација.
На прашањето што ако Македонија добие повторно „не“ во декември за почнување на преговори за членство во ЕУ од Бугарија, Дуда рече дека Бугарија се уште е во изборен процес, дека таму се уште не е формирана влада и нема јасен претседател, но се надева дека тоа да се случи во наредните денови. Но, тој изрази јасно очекување дека идната бугарска влада ќе има, како што рече, поконструктивен став за започнувањето на преговорите на Македонија со ЕУ.
-Од моја страна сакам да го осигурам претседателот Пендаровски дека Полска дава постојана поддршка на Македонија за преговори со ЕУ и, ако бугарската влада реагира и натаму на неконструктивен начин, односно рече „не“ за преговорите, јас сум подготвен лично да истапам и да се заложам за изготвување некој патоказ, односно документ кој ќе послужи на РСМ полесно да се справи со ова прашање за влез во ЕУ, рече Дуда.
Претседателот Пендаровски исто така сметаше дека е рано да коментира изјави што доаѓаат од Бугарија бидејќи не е сигурно дали ќе се формира влада и сите во овој момент, и на претседателските и по парламентарските избори, се уште се „кандидати“. Тој себе си се опиша како претпазлив реалист за ова прашање, бидејќи сме се изгореле повеќепати чекајќи да се дигне ветото од Бугарија.