Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Русија со осуда ја оцени како провокативна одлуката на Полска, која одби да го пушти рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да влезе на нејзина територија каде требаше да учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите на ОБСЕ.
„Одлуката на Полска е провокативна и без преседан. Не само што Варшава на овој начин се дискредитира самата себе, туку нанесува непоправлива штета на авторитетот на целата Организација“ за европска безбедност и соработка, се наведува во соопштението на руската дипломатија.
Полска, која на почетокот на декември го организира министерскиот состанок на ОБСЕ, завчера објави дека му го забранува влезот на својата територија на рускиот министер Лавров.
„Очекуваме Руската Федерација да избере членови на својата делегација во согласност со важечките прописи“, кажал за Франс прес извор од ротирачкото полско претседателство со ОБСЕ. Истиот извор кажал дека руската делегација не би требало на состанокот да испраќа „лица кои се санкционирани од Европската Унија“, меѓу кои е и Сергеј Лавров.
„Уверени сме дека сите разумни политичари го делат рускиот став – таквите потези се неприфатливи“, објави руското министерство за надворешни работи. „Ваквите деструктивни одлуки на Полјаците го туркаат ОБСЕ кон бездна“, кажал руски извор, обвинувајќи дека ОБСЕ се претвора во „Полигон за антируски вежби“.
Состанокот на 57 министри за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка на Европа ќе се одржи на 1 и 2 декември во Лоѓ, град во централна Полска. Руската делегација ќе ја предводи рускиот амбасадор во ОБСЕ Александар Лукашевич, соопшти Москва.
Седиштето на ОБСЕ е во Виена уште од основањето во 1975 година на врвот на Студената војна, а целта на организацијата е да го промовира дијалогот меѓу земјите од Истокот и Западот. Годишната министерска средба на ОБСЕ, на која Лавров редовно учествува, е централниот настан на оваа меѓународна организација.