Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Додека Белград деновиве буквално гори, а на улиците владее тензија и постојани судири меѓу демонстрантите и полициските сили, снимка што кружи на социјалните мрежи покажува дека има такви меѓу полицијата што не сакаат да го тепаат својот народ. Кога група демонстранти се собраа пред полициската станица во Ниш и почнаа да извикуваат: „Извадете ги шлемовите“, целиот кордон под целосна опрема не возврати со сила, туку се повлече кон станицата.
Како што тие што присуствуваа на овој настан напишаа на Фејсбук, по повикот преку моторола што го примил командирот на нишката полиција, тој рекол: „Јас да го тепам мојот народ не можам“ и им наредил на полицајците да се повлечат во зградата.
Потоа следува громогласен аплауз на собраните.
Војската одби да излезе на улица
Синоќа во спречувањето на демонстрациите во Ниш требало да учествува и 63-та падобранска бригада на српската армија, а како што потврди за Нова.рс Дејан Павловиќ, претседателот на воениот синдикат, оваа бригада одбила да излезе на улица.
Наводно министерот за одбрана, Александар Вулин, сакал да ги ангажира припадниците на 63. падобранска бригада бидејќи полицијата немала доволно луѓе во Ниш.
„Припадниците на жандармеријата отидоа во Белград и тогаш беше побарана помош од вооружените сили, но членовите на 63-та падобранска бригада одбија“, рече Павловиќ.
Тој ја осуди изјавата на Вулин дека на сила треба да се одговори со сила.
„Таа негова изјава ја турка Србија во граѓанска војна. Народот е дел од војската, а војската е дел од народот и нема да послужи за истерување нечија политичка волја. Ги повикувам уште еднаш сите припадници на Војската на Србија ако добијат наредба да учествуваат во разбивање на демонстрациите, таквата наредба да ја одбијат. Според Уставот на Република Србија улогата на војската е јасно дефинирана, како и нејзините надлежности. А Уставот на Србија е исклучив и вели дека војската служи за одбрана на државата од надворешен непријател“, рече Павловиќ.
И претходно министерот Вулин има носено избрзани одлуки. Павловиќ потсетува дека Вулин во неколку наврати за дневнополитички цели ја кревал борбената готовност на армијата на највисоко ниво.
„Според законот, армијата се крева на највисоко ниво на борбена готовност кога се прават подготовки за војна. Овој пат, барајќи да ја употреби најелитната единица против народот, министерот ја турка српската армија во војна против својот народ. Би било многу опасно војската противуставно да се вклучи во задушување на демонстрациите. Тогаш тоа би значело дека таа може да излезе со целата своја опрема, тенкови, борбени возила, боева муниција… Народот би тргнал на касарните, а таа би морала да ги заштити, што е нејзина уставна обврска, а тоа значи употреба на сила. Дали можеби би дошла и наредба да се пука во народот? Последиците од излегувањето на војската против народот би биле несогледливи. Војската е институција во која народот има најголема доверба по СПЦ и така треба и да остане“, рече Павловиќ.
Тој откри дека припадниците на војската децидно му кажале дека ќе одбијат каква било слична наредба и дека војската има многу повеќе причини да застане покрај тие граѓани, а не наспроти нив.