Политичкиот противник на Орбан најави екстрадиција на Груевски доколку победи на парламентарните избори во Унгарија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Питер Марки-Заи, политичкиот опонент на Виктор Орбан, кој ќе му се спротивстави на унгарскиот премиер на парламентарните избори в година, најави екстрадиција на Никола Груевски во Македонија доколку победи.

„Цитат на опозицискиот кандидат Марки-Заи од неговиот говор на 23 октомври: Ако Орбан ја изгуби моќта следната година, поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски, ќе се соочи со екстрадиција (заедно со јорданскиот бизнисмен Заиф Нафа и други)“, пренесува политичкиот аналитичар Андраш Тот-Цифра на социјалните мрежи.

На истото, но на унгарски јазик, укажува и самиот Марки-Заи порачувајќи дека ќе ги екстрадира „Груевски, Нафа и другите криминални мигранти населени од Фидес“.

Парламентарните избори во Унгарија ќе се одржат пролетта 2022 година. Според последните анкети достапни на „Политико“, рејтингот на здружената опозиција, чиј кандидат е Марки-Заи, е ист како тој на партијата Фидес предводена од Орбан.

Марк-Заи е конзервативен градоначалник на мал град во јужниот дел на Унгарија. Тој беше избран за кандидат на здружената опозиција пред десетина дена на внатрешни избори организирани од шест опозициски партии. Со освоени 50 отсто од гласовите, тој ја доби довербата на блокот во конкуренција на Клара Добрев, потпретседателка на Европскиот парламент и кандидатка на либералната партија Демократска коалиција.

Шесте партии кои се дел од обединетата опозиција формираа сојуз во 2020 година со цел да се избере само еден противник на Орбан, како и по еден кандидат за секоја изборна единица кој ќе се спротивстави на Фидес на следните избори.