Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
После вонредно одржаната владина седница вчера вечер, словенечкиот премиер Миро Церар поднесе оставка од премиерската функција.
Церар денес за својата оставка и официјално ќе го информира словенечкиот претседател Борут Пахор, а должноста претседател на владата ќе ја врши сѐ до изборите во јули.
Церар ја поднесе оставката откако словенечкиот Врховен суд ги поништи резултатите од референдумот од септември околу железнички проект вреден милијарда евра, што беше најголемиот инвестициски проект на владата.
„Денес се прелеа чашата, проектот на пругата доживеа нов удар. Во такви настани не сакам да учествувам“, кажа Церар. „Почитувани државјани и државјанки, државата е денес во значително подобра состојба отколку во 2014 година. Власта ја враќам во ваши раце“.
„Чесни граѓани и граѓанки, ја враќам моќта во ваши раце. Ова го одлучив бидејќи треба да се знае што е правилно, а што не е. Ја прифаќам одговорноста и го правам она што би го направил секој политичар што заслужува почит“, кажа Церар по седницата на владата.
Словенечкиот Врховен суд вчера го поништи референдумот на кој словенечките гласачи во септември минатата година со тесно мнозинство го потврдија законот за изградба на нова пруга од Копар до Дивача, што беше голем удар за премиерот Миро Церар кој се залага за тој проект.
Врховниот суд истакна дека одлуката на владата на Церар референдумската кампања во која ги прикажувала само позитивните последици од законот за изградба на пругата да ја финансира со 130 илјади евра буџетски средства била недозволива, бидејќи на тој начин во неповолна позиција ги довела противниците на законот да ги изнесат своите аргументи во кампањата. Затоа резултатот од референдумот е поништен и тој мора да се повтори.
На референдумот на кој на крајот на септември за изградба на 27 километри нова пруга меѓу Копар и Дивач се изјаснија 53 отсто од гласачите, а 47 отсто беа против, на гласачките места излегоа само четвртина од гласачите впишани во списоците.
Вредноста на проектот се проценува на речиси милијарда евра.
Словенија уште тогаш ги доби иницијалните средства за подготовките од фондовите на ЕУ, а спремност да учествува во проектот со околу 200 милиони евра во замена за пристанишни и железнички концесии изразила и унгарската влада.