Пофалба на животот: Вевчански карневал – „сè што вреди да се тера, вреди да се претера“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Вевчанци знаат да го живеат животот. И како и сè друго поврзано со питорескната идила на ова планинско село со урбана настројба и табиет, тоа го прават со полна страст. А најголем доказ за овој непобитен факт е токму онаа нивна најголема пофалба и прослава на животот, 14 века стариот пагански традиционален василичарски карневал кога целото место нешто повеќе од два дена пулсира и живее во духот на прочистувањето на духот преку испраќањето на старата и дочекот на новата година.

Со маските кои вевчанските василичари секоја година ги изработуваат во најстрога тајност и чија тематика не ја откриваат никому, дури ни меѓу себе, вевчанци ритуално ги бркаат лошите сили и духови од местото. Со обредното маскирање за „Свети Васиља“, симболизирана преку невестата и зетот (две од неколкуте традиционални и непроменливи маски), вевчанци ја испраќаат старата година и ја дочекуваат православната нова година пеејќи „Сурва нова година“.

Друга традиционална и непроменлива маска, веројатно и најмаркантната е Глупи Август, чија улога ја прифаќаат млади луѓе, полни со енергија, бидејќи тоа го бара самиот лик. Глупи Август е препознатлив по својата експресивност со доза на агресивност во заштита на зетот и невестата (симболот на плодноста) на кои им го чисти патот пред нив во „бесконечното“ василичарско оро. Глупи Август со публиката комуницира само со крикови и движења. Според одредени истражувања и сознанија, оваа маска се јавува од времето на антиката како своевидна пародија на тогашните владетели.

Крштевање вода на извори е еден друг маркатен ритуален обичај во прославата на „Свети Васиља“ кое се изведува во водите на познатите вевчански извори. Во раните утрински часови, некаде околу 2-3 часот по полноќ, на 14 јануари, василичарите и останатите жители на Вевчани одат на вевчанските извори каде го изведуваат ритуалното крштевање на водата која подоцна е важен и неодминлив дел во ритуалната прослава на празникот.

Главен предмет за обредното „крштевање вода“ е василичарската китка. Таа задолжително се прави од три гранчиња: дрен, босилек и василичарка. Секое од овие три гранчиња е со посебна симболика: дренот е тврдо дрво, рано ја најавува пролетта и раѓа здрав живот и богат бериќет. Босилекот е господово растение со кое се благословува плодност, нов и здрав живот и бериќетно лето. Пак, василичарката е растение со боцки кои го прогонуваат злото и се што е страшно, лошо и неприфатливо за новата година.

Василичарите од Горна и Долна Маала за крштевањето на водата тргнуваат во ноќните часови кон вевчанските извори, следени од вевчанските зурли и „топани“ кои ги свират познатата василичарски песни како „По мене бабо, по мене“ и „Оди неста на вода“. На извори се врши кршталниот чин, квасење на китката и полнење на бакарните садови со кои крстената вода се носи дома.

Во домовите, „крстената вода“ се дели на два дела. Со еднио дел домаќинот со садот „крстена вода“ тропа на затворената врата на својата куќа, а потоа вратата и тој ја кваси китката и ги прска просториите во куќата – домот, благословувајќи „за убајна, бериќет за женски јагниња и телиња и за полни амбари жито и бочви со вино“. Домаќинот и прскањето со „крстена вода“ го прави и во просториите каде што се одгледува стоката и живината: пондилата, кокошарниците.

Вториот дел од „крстената вода“ ја употребува домаќинката на куќата. Таа со неа, рано наутро, на 14 јануари, на Василица ќе меси кашаник со паричка. Значи празнувањето на обичајот продолжува со месење, печење и гостење со кашаникот, тој е вевчански специјалитет за гостите и гостењето на денот на Василица. Тоа е некиснато тесто од пченично брашно со квасец. Кашаникот на гостите што ќе го посетат домаќинот на Василица се послужува со луканци (вевчански домашни колбаси) и со домашно биено сирење и кисело млеко. Преданието вели: „Кој ќе кеснит од кашаникот и тој што ќе ја најт паричката, ќе имат убајна, ајр, ем бериќет до година на Василица – Сурва година“.

На 14 јануари, после шетањето на василичарите низ селото, сите се збираат на средсело и таму „до бескрај“ го играат познатото василичарско оро меѓу многубројната насобрана публика која доаѓа од многу страни на Македонија, па и од странство, за да ужива во оваа вековна традиција. На крајот следи и ритуалното палење на маските, она по кое овој карневал е уникатен и препознатлив.

Василичарската карневалска нарав на вевчанци е кулминација и врвичен одраз на нивната секојдневна нарав и страст со кои го живеат животот. Она што импресионира најмногу е жарот со кој од најмало до најстаро, поголем дел од вевчанците земаат учество во одбележување на празникот и маскирачкиот ритуал. И најмладите зурлаџии и тапанџии достојно стојат рамо до рамо со старите и прекалени вевчански мајстори на овие инструменти, со што оваа традиција постојано добива нова млада енергија и сила кои бескомпромисно ја одржуваат во полн живот.

А токму така, со радост, дивеење и танцување до премаленост кое го прочистува духот, вевчанци го слава и фалат животот кој повторно се обновува со доаѓање на новата година. А еднакво страсно и енергично и го живеат и неговото секојдневие, секогаш пркосни, непопустливи и непокорни пред било што кое може да им ја наруши таа жизнерадосност.

Александар Еленин