Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Си седевме така, на крајот на летото мислам,
таа мила, убава жена, твоја другарка блиска,
и ти, и јас, и зборувавме за поезија. Реков:
„Со саати пишуваме еден стих; но ако некој
не изгледа небаре е напишан за момент
сето крпење, раскрпување не вреди ни спомен.
Па подобро клекни на колена, нозе згрчи,
и рибај кујнски подови, или камења крши,
како стар сиромав, по какво сакаш време.
Зашто да сложиш нежни звуци, според мене,
значи да работиш повеќе од сите, за само
да бидеш сметан за мрзливец, и тоа од џганот
од банкари, учители и свештени лица
што за измачените се светот.“
И тука, мислам,
таа мила, убава жена, пред чии нозе
многумина ќе паднат, со скршени срца може,
откривајќи дека гласот ѝ е благ и таен,
одговори: „Да бидеш жена, значи и да знаеш
– макар што на школо вакви нешта не се учат –
дека треба да се трудиш, за да бидеш убав.“
Јас реков: „Па, нема работа, ако е вредна,
од Адам па навака, што без пот би ја стекнал.
Имаше љубовници за кои љубовта беше
нешто што се изразува со тон, учтив и свечен,
па учени, низ воздишки, рецитираа рими
од убави, стари книги, од претходници нивни.
А сега сè е попусто; се бара нешто друго.“
Се стишивме сите штом се спомна зборот љубов.
Се гаснеа, гледавме, крајните жарчиња на денот,
и, горе, на треперливото сино-зелено небо
го гледавме и месецот, истрошен како школка
потфрлана од водите на времето пред да молкнат
крај ѕвездите, распрснати на денови и лета.
Ми текна нешто – сакав само тебе да ти шепнам:
дека си убава, и дека толку ми значиш
што би те сакал на тој стар, возвишен начин.
И дека сме среќни, а сепак, еден ден, ќе сме
со уморни срца, како оној шуплив месец.
Вилијам Батлер Јејтс
препев: Виктор Јованоски