Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
На 9 март (понеделник) во галеријата во Младинскиот културен центар во 20 часот ќе се одржи промоција на поетската збирка „Поврзи ги точките“ од Николина Андова Шопова, во издание на Темплум (2014).
За книгата ќе зборува Владимир Јанковски, а песни ќе читаат Румена Бужаровска и Елена Митреска.
Од Рецензијата на Владимир Јанковски:
Николина Андова Шопова е поетеса која верува дека сето она што се случува околу нас носи во себе одреден полнеж што може да се претвори во поезија. Таа припаѓа на групата уметници според кои уметноста својот материјал може да го пронајде насекаде. Уметноста е и треба да се пронаоѓа во обичните и банални случувања од секојдневието. „Од телото ги исфрлам дреболиите на денот“, се вели во песната „Наопаку“. Преку преработката на тие „дреболии на денот“, Андова Шопова создава поезија речиси во целост составена од „расфрлените остатоци од реалноста“. Тоа е поезија што опсесивно се доближува до препознатливите предмети или слики. Секако, не за да ги умножи или за да ја повтори нивната баналност и обичност. Напротив. Нејзината насоченост кон препознатливото е со цел да го потврди метафизичкиот карактер на тоа секојдневие. Затоа и кога нејзината поезија тематизира дури и слики од колективната меморија, тие слики се тука за преку поезијата да ја трансцедентираат својата баналност. Обично патување со автобус или воз, разгледување на предметите заборавени во џебот на панталоните на љубовникот, фотографии на клупа во парк, детска игра, истуткани хартивчиња во џебот… сите овие елементи за авторката се почеток, влез во поетското. Како да постои некоја пукнатина во појавите околу нас што секогаш може да се искористи за влегување во светот на новото значење.
СТАПКИ
Некои од нас носеа падобрани место ранци на грбот
и само одвреме-навреме ја допираа земјата
Тајните патчиња кои никнуваа зад секој агол
секогаш завршуваа во линијата на дланката
на нашиот мал бог
Молчевме и го слушавме
снегот кој ни држеше предавања
на еден јазик кој одамна го заборавивме
и знаевме дека е тука и во лето
невидлив, како во снежната кугла во која
никогаш нема да заврне
ако не посакаш да ја земеш во дланката
како што ѕвездите паѓаа и дење
иако не се гледаа
Хоризонтот чекореше со нас
и сѐ што ќе допревме го губеше своето име
нарцисот не беше нарцис туку само цвет
тополата не беше топола туку обично дрво
кое се чинеше како секој миг
да чека да го соблече и тоа име
Сѐ повеќе сум сигурна
детството не е зад нас
туку пред нас
чека да ги остави своите стапки
на свежо асфалтираните патишта
ДОМ
Тоа правиме цело време, се пакуваме и распакуваме
од некого, од некаде
Го пакуваме стравот најздола во куферот
заедно со несесерите полни со рекламни шампончиња и лосиони
Апчињата, полначот за мобилниот
ги сместуваме во џебовите и ќошињата
Испегланите кошули ги ставаме одозгора
со нежноста на вдовицата која положува цвеќе
над лицето на својот сакан
Ремените ги оптегнуваме по должината
за да ѝ направиме повеќе простор на празнината
Ги спаруваме расфрланите зборови меѓу нас
небаре чорапи – црниот со црниот, црвениот со црвениот
некој секогаш останува сам
Еднаш слушнав приказна за една птица
што никаде не направила гнездо
и така целиот свет ѝ станал дом
СЕ ЗАТВОРАМ
Има едно ладало
со мапа на светот
што со години се затвора во мене
Копната полека се стеснуваат
вулканите се гаснат
реките запираат, светилниците замрзнуваат
пустините се замотуваат
како теписи полни прав
Еден ден ќе го отворам ладалото
и целиот свет ќе се рашири во мене
заедно со небото и крилјата
на големите птици