Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Добитник на „Златен венец“ за 2022 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е најзначајниот жив јапонски поет, Шунтаро Таникава.
Одлуката беше соопштена на свечениот настан во Македонската академија на науките и уметностите, на кој покрај прогласувањето на лауреатите на СВП, беше одбележан 21 март-Светскиот ден на поезијата со поетско читање во кое учествуваа истакнати поети- членови на Македонскиот П.Е.Н Центар и на Друштвото на писателите на Македонија.
Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 24 до 29 август. Во образложението на одлуката, проф. д-р Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“,потенцира: Лапидарната релјефност на неговиот глас и кондензираноста на мигот, наспроти наративноста на стихот, е темелна црта, што го одвојува Шунтаро од поетичките тенденции на Западот. Од друга страна, тивката градба на неговите стихови, обликувана на таков начин, што модерноста делува небаре е традиционална е клучната одлика, според која оваа лирика (на Шунтаро) се издвојува како особена, меѓу повеќето поети, со потекло од далечниот Исток. Шунтаро ја гради својатa поетика, препуштајќи и’ се на гравитацијата на метафизичното, длабоко расекувајќи го емпириското ткиво на јазикот. Тој од јазикот за поезија ја гради поезијата на јазикот. Поетскиот глас на Шунтаро се отелотворува во безграничниот простор меѓу ендемичниот (честопати еретичен и етеричен) лиризам и славењето на антипоезијата, која се спротивставува на традиционалните поетски структури, мотиви и стилови (а чиј предводник беше неговиот чилеански современик Никанор Пара). Исчистеноста од метафори наспроти силниот сјај на сликите во неговото творечко огледало, го носи Шунтаро назад, кон „колибата“, под дрвото на хаику-мајсторот Башо. Шунтаро Таникава (роден во Токио во 1931 година како единствениот син на филозофот Тецузо Таникава) е најзначајниот жив јапонски поет, чија поезија суверено патува, не само низ возбудливите „води“ на јазикот, туку и во низата креативни преобразби во музика, филм, слика или калиграфско писмо. Toj е најпродуктивниот, најчитаниот, највлијателниот и најиновативниот поет од Јапонија. чии дела се преведени на многу јазици во светот. Автор е на 80 поетски збирки, за кои има добиено бројни книжевни признанија, во Јапонија и во странство. Неговите песни се појавуваат не само во угледни книжевни списанија, туку и во школските учебници и мас- медиумите.
Шунтаро се јавува и како автор на драмски текстови, филмски сценарија, плоден есеист, преведувач, автор на литература за деца. Неговата дебитантска збирка „Две милијарди светлосни години самотија“ во 1952 година ги вчудовидела неговите поетски врсници и книжевни критичари како нешто со кое се сретнуваат за прв пат и со тоа се втемелува како новата одредница на јапонската поетика по Втората светска војна. Добитник е на низа престижни награди, меѓу кои: „Јомиури“ во 1983 г, „Ханацубаки“ во 1985 г, „Такаши Саида“ во 1987 г, „Шогакукан“ во 1988 г, наградата „American Book Award“ во 1989 г, наградата за модерна поезија „Јутака Маријама“ во 1991 г., „Сакутаро Хагивара“ во 1983 г., „Асахи“ во 1996 г, „Саксава“ во 1998 година, наградата „Динг Јун“ во Кина во 2005 г, наградата на „Монголското здружение на писатели“ во 2008 г, „Нобуо Ајукава“ во 2010 г, меѓународната поетска награда „Жонгкун“ во 2011 г, „Тацуџи Мијоши“ во 2016 г, наградата на фондацијата „Јапонија“ во 2019 година, а неговото име се споменува како еден од можните канидидати за добитник на Нобеловата награда за литература.
Поезијата на Шунтаро е првично приопштена на македонски јазик, благодарение на поеткиот избор „Дребoлии“, објавен во едицијата „Плејади“ на Струшките вечери на поезијата, во 2005 година во препев на Зоран Анчевски.
Во поздравното обраќање до македонската јавност, Шунтаро Таникава вели: „Дали само јас чувствувам некаква самотија штом добијам награда или одликување? Невообичаено е чувството да се биде избран од мноштвото поети и заедно со радоста и гордоста кои ги чувствувам бидејќи сум избран за добитник, се чувствувам и уважено меѓу моите колеги поети. Но, кога се присетувам на покојниот Макото Оока, мојот близок пријател и добитникот на оваа награда во 1996 година, самотијата ми исчезнува и неа ја заменува љубовта кон моите колеги поети и кон оние кои копнеат да станат поети, и иако живееме во различни времиња, во различни околности и со различни мајчини јазици во ова немирно доба на нашата ранлива Земја, оваа љубов постојано расте. Староста постепено ме лишува од слободните телесни движења, но пак за чудо, мојот ум се движи сè полесно, како да му пркоси на ова ограничување. По некое правило, човечките години ги споредувам со прстените на едно дрво. А староста ми наликува како да се движам наназад кон центарот на тие прстени со секоја наредна година. Сега сонувам да имам зборови, изнедрени од телото и умот, како некој разговор помеѓу заљубените, настрана од нормалното значење на зборовите.
Извор: СВП