Поетот Џерардо Мазучо добитник на наградата „Мостови на Струга“ за 2022 година


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Добитник на „Мостови на Струга“ за 2022 година, награда за најдобра дебитанстка поетска збирка од млад автор (под 35 години), што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ во соработка со УНЕСКO , е италијанскиот поет Џерардо Мазучо.

Одлуката беше соопштена на свечениот настан во Македонската академија на науките и уметностите, на кој покрај прогласувањето на лауреатите на СВП, беше одбележан 21 март-Светскиот ден на поезијата со поетско читање во кое учествуваа истакнати поети- членови на Македонскиот П.Е.Н Центар и на Друштвото на писателите на Македонија Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 24 до 29 август.

Џерардо Мазучо е роден во Батипаља, близу Неапол во 1991 година. Откако ги завршил Класичните студии во Еболи, се преселил во Милано во 2010 година, каде дипломирал Авторски права, а потоа и Издаваштво на Универзитетот Бокони. Од 2012 година, тој бил уредник на сериите „Каповерси“ за Бомпиани. Во 2020 година, ја основа издавачката куќа „Утопија“, која е насочена кон книжевна фикција и белетристика. „Утопија“ е италијанскиот издавач на Никанор Пара, Ана Бландијана, Ен Карсон, Ко Ун, Ида Витале, Наja Мариe Аидт и Љубомир Левчев. Неговата поезија е дел од антологии, списанија, посебни веб-страници и некомерцијални памфлети. Неговата прва книга е „Дотука живееше човек“, која се стекнува со критички и комерцијален успех на национално ниво. Номиниран за шест книжевни награди, тој е добитник на најважната италијанска награда за поетски дебитанти – 32-то издание на „Премио Камаиоре“, како и 61-то издание на „Премио Сан Доменикино“ за најдобро поетско издание на годината (додека изданието на шпански јазик тековно се подготвува).

Првото дело на Џерардо Мазучо е меланхолична химна на мистеријата на суштествувањето, во постојана рамнотежа помеѓу вознемирувањата на животот, интроспекцијата на вистината и загадочноста на светот. Со својот буден, одмерен и препознатлив стил, „Дотука живееше човек“ е инвентивно поетско сведоштво за живот обележан од минливоста на врските и љубовта, кога поетот станува исповедник на сопствената „фрленост во светот”. Сепак, појдовното искуство на интровертност и отфрленост доживува своја впечатлива катарза, благодарение на необичните, луцидни и оригинални поетски слики, со мистичен призвук на лично откровение и чудесно просветлување.”