Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
На седницата која се одржa на 21.03.2018 година (среда) со почеток во 11 часот во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје беше прогласен добитникот на наградата „Златен венец“ на СВП за 2018 година, полскиот поет Адам Загајевски.На седницата се обратија министерот за култура во Владата на Република Македонија, г. Роберт Алаѓозовски, претседателот на Управниот одбор г-ѓа Елизабета Шелева и директорот на НУМ СВП г. Мите Стефоски.
Роден е на 21 јуни, 1945 во Лавов. Поет, писател, есеист, лауреат на многу престижни книжевни награди. Преводи од неговите дела се објавени низ целиот свет.
Загајевски е син на професорот Тадеуш Загајевски – пионер во полската електроника (1912-2010). Кратко по неговото раѓање, семејството Загајевски враќа во Полска, во границите поставени на конференцијата во Јалта. Загајевски го минува детството во Гливице, во регионот Шлезија, а пак универзитетските години во Краков. Студирал психологија и филозофија на Јагелонскиот универзитет, за подоцна таму да предава филозофија. Работел и како уредник на месечните списанија Студент и Одра. Загајевски набрзо се прославува како поет од Генерацијата 68, често познати како „Нов бран“ од Краков.
Загајевски потекнува од „Тераз (Сега)“ групата со седиште во Краков. По потпишувањето на „писмото од 59“ во 1975, неговите дела се забранети. Во седумдесеттите бил поврзан со независното книжевно движење, а во 1982 се преселил во Париз. Во 2002, Загајевски се враќа во Полска и сега живее во Краков со сопругата Маја Водецка, актерка и преведувачка. Како визитинг професор, Загајевски предавал на бројни работилници за поезија во Школата за книжевност и уметност при Јагелонскиот универзитет во Краков, како и курсеви за креативно пишување на Универзитетите во Хјустон и Чикаго во САД.
Негови позначајни поетски книги се: Соопштение (1972), Месарници (1975), Песни (1976), Писмо (1978). Писмо. Ода на множината, Нови песни (1982, 1983), Да се патува во Лавов (1985), Платно (1990), Огнена земја (1994), Жед (1999), Враќање (2003) и Антени (2005), Невидлива рака (2009).
Загајевски за првпат се стекнува со слава во источно-европските книжевни кругови со неговите критики кон полските поети од претходната генерација. Како член на книжевното движење наречено „Нов бран“, тој тврди дека поезијата треба да ги опфаќа социјалните и политичките потреби на денешниот ден. Во 1974, заедно со Јулиан Корнхаузер ја објавуваат Непретставениот свет, збирка есеи во кои ги критикуваат постарите автори за нивната поддршка на една апстрактна, мисловна поезија која не успеала да направи промена во тоталитарниот режим во Полска. Загајевски тврди дека поезијата треба да остане фокусирана на она што е „сега и овде“, и се залага за еден директен и недвосмислен поетски јазик кој ќе ја преставува вистината за тековните состојби во Полска. Преку искрениот говор тој верува деха ќе го разгради или собори традиционалниот „двоен јазик“ на комунистичката партија. Овој јазик е одлика на првите две збирки поезија, Соопштение (1972) и Месарници (1975). Овие први збирки поезија (Соопштение и Месарници) го имплементираат прогласот на неговата генерација за зборување на вистината за јавната реалност и разоткривањето на погрешноста во официјалниот јазик.
Покрај песните кои биле реакција против наметнувањето на воена состојба, неговата збирка Писмо. Ода на мноштвото, ги вклучува тие теми и нивните поетски престави кои подоцна стануваат суштински одлики во делата на Загајевски. Оттогаш, неговата поезија станува мисловна и преполна со прашања, со теми што се повторуваат низ целиот опсег на биографските и егзистенцијалните улоги на протагонистот на поезијата, па до величање на животот виден „во неговата променливост, неговата брановидност, неговата двосмисленост“ (како што пишува во Солидарност и Самотија), заедно со навлегувањето во светот на европската култура и размислите за тоа наследство, како и навраќањето кон сопствените корени (Поемат), размислување за можните варијанти на неговата судбина. Сликата на задуман талкач со книга в рака, кој патува по светот како „изваден од некоја голема библиотека“ постојано се појавува во песните на Загајевски (Платно). Сузан Сонтаг за поезијата на Адам Загајевски пишува: „Ништо не може така да го понесе читателот во насока спротивна на денешниот култ на восхитот од себеси, како што тоа го прави поезијата на Загајевски, кој ги расплетува своите заводливи оди на спокојството, сочувството, трпеливоста; на смиреноста и смелоста на обичниот живот“. И додава: „Загајевски не е естет. Повисоки критериуми се применуваат врз поезијата: тешко му на оној што ја става убавината пред вистината“.
Со почетокот на неговиот егзил во Париз од 1982 до 2002, Загајевски го започнува она што Адам Кирш го нарекува неговиот „лет од историјата“. Тој станува сè позагрижен за одредување на мисија за поезијата, која ќе ја опфаќа политиката, но нема да ѝ служи. Не може да се најде ништо посоодветно од ова автопоетичко искажување за да се опише тој однос кон минатото, кон историското, и секојдневието: „Никогаш нема да пишувам само за пеењето на птиците, иако многу се восхитувам од птичјата песна, но, не до тој степен да можам да се повлечам од историскиот свет, оти историскиот свет е исто така фасцинантен. Тоа што навистина ме интересира е преплетувањето на историскиот и космичкиот свет, на неподвижниот, или всушност, подвижениот преку едно потполно различно движење. Никогаш не ќе научам како овие два света сосуштествуваат. Се борат еден против друг и се надополнуваат – баш за тоа вреди да се размислува.“ Еве како лаконски за ова се изјаснил Јосиф Бродски: „Ретко се случува музата на поезијата да зборува толку јасно и толку силовито како кај Загајевски. Ретко може човек да засведочи таков жесток дијалог помеѓу Евтерпа и Клио“.
Книгата Трепет: Избрани песни (1985) ги вклучува песните кои ги напишал во првите години од престојот во Париз. Неговата прва книга преведена на англиски јазик, Трепет ја надминува поезијата на протест и се соочува со разноличјето на индивидуалното искуство. За време на осумдесеттите и деведесеттите, поезијата му станува сè повеќе мисловна и метафизичка. Во еден есеј од Солидарност и самотија (1990), Загајевски пишува: „Треба да го победиме тоталитаризмот преку минување кон поголеми нешта…“; неговиот фокус се менува од ограничувањата на комунистичкиот режим кон психолошките, моралните и духовните забрани врз човечкото постоење. Поезијата во Платно (1991) прикажува фасцинација со мистериозните или небесните аспекти на луѓето. Тука Загајевски ја искажува фрустрацијата со нашиот концептуален развој, наспроти нашиот политички прогрес, дури пишува за „соништа за имагинацијата / бездомни и луди“. Мотивот на имагинарното отуѓување продолжува во Мистицизам за почетници (1997). Во овие песни, Загајевски се труди да ја оживее мистеријата и екстазата во модерната поезија, дури го искажува конфликтот помеѓу неговиот копнеж да го прифати светот и неговиот импулс да побегне од истиот.
Загајевски е добитник на бројни книжевни награди, меѓу кои најзначајните се: Меѓународната книжевна награда „Виленица“ (1996), Наградата „Томас Транстромер“ (2001), Наградата „Хорст Биенк“ во полето поезија што ја доделува Баварската Академија на Уметностите (2002), Наградата на фондацијата „Конрад Аденауер“ за животно дело (2002), Наградата „Нојштад“ (нарекувана „малата Нобелова награда“) што ја доделува Универзитетот Оклахома и месечното списание „Светската книжевност денес“ (2004).