Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Информациите за продлабочување на конфликтот меѓу Жозе Мурињо и дел од играчите на Манчестер Јунајтед доаѓаат една по друга, па медиумите на Островот пишуваат за поделбите во соблекувалната на „црвените ѓаволи“.
Нетрпеливоста помеѓу Португалецот и Пол Погба веќе не може да биде сокриена, но Французинот не е единствениот незадоволен од методите и односот на „Специјалниот“.
Според „Дејли мејл“ околу Погба се формира група играчи, кои се вртат против менаџерот. Први во оваа група се приклучија други двајца фудбалери на Манчестер Јунајтед кои говорат француски – Антони Марсијал и Ерик Баи. Напаѓачот беше критикуван јавно од Мурињо уште за време на летните подготовки и веќе е цврст во своето барање да го напушти клубот доколку „Специјалниот“ остане на функција.
Дефанзивецот пак го изгуби местото во првиот состав и добива се помала минутажа. Друг кој не ја добива можноста и покрај неговите напори е младиот играч од средниот ред Андреас Переира. Лук Шо, Маркус Рашфорд и Фил Џонс, исто така, гравитираат во групата на незадоволни фудбалери.
Повеќето од играчите останале многу разочарани од новите критики кои Мурињо ги упати кон свои фудбалери по поразот на пенали од Дерби Каунти во Лига Купот. Тогаш Фил Џонс го промаши осмиот пенал, а по натпреварот Мурињо изјави дека знаел дека тимот ќе има проблеми кога ќе дојде редот на Џонс и Баи. Истата ноќ Португалецот потврди дека Погба повеќе нема да биде втор капитен на тимот.
Маркус Рашфорд пак го навлекол гневот на Мурињо поради тоа што не се загревал доволно за време на средбата од Лигата на Шампионите против Јанг Бојс минатата недела.