Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
За првпат со ново име, Македонија поделена ќе го празнува најголемиот национален празник – Илинден, денот кога во 1903г започна Илинденското востание, а во 1944г беше одржано Првото заседание на АСНОМ со што фактички се удрени темелите на македонската држава.
Манифестации за одбележување на празникот се предвидени во Скопје, Смилево и Пелинце. Централната прослава ќе се одржи на Мечкин камен во Крушево, а е под мотото „Сите сме деца на Илинден“.
По повод празникот Илинден владина делегација на чело со премиерот Зоран Заев ќе присуствува на прославата на Мечкин Камен ќе положи свежо цвеќе пред споменикот.
Во 12:00 часот ќе се интонира химната на Македонија по што ќе следи обраќање на премиерот Зоран Заев.
За свечената прослава за националниот празник – Илинден, планирана е и културно уметничка програма која ќе ја отвори ансамблот „Танец“, по кој ќе настапи КУД „Емин Дураку“, а програмата ќе ја затвори мешаниот хор „Крушево“.
Паралелно на државната прослава се планира уште една прослава од разни македонски неформални здруженија која се промовира по социјалните мрежи. „Со себе понесете труби и разни свирчиња. Инаку, свирчиња ќе се поделат и на Мечкин Камен. Не наседнувајте на какви било провокации и заплашувања, не ни можат ништо. Македонија е на Македонците, никогаш Северна, само Македонија“, се вели во повикот објавен на Фејсбук.
Претседателот Стево Пендаровски и претставници на Сојузот на борците ќе положат цвеќе пред Споменикот на паднатите борци од НОБ, а ќе оддадат почит и на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски, како и на генералот Михајло Апостолски.
Делегација од Кабинетот на претседателот Пендаровски, предводена од генералниот секретар Миле Бошњаковски ќе положи цвеќе пред споменикот на АСНОМ во паркот Жена-борец пред споменикот на Никола Карев пред Собранието на РСМ и пред споменикот на Методија Андонов – Ченто.
На Пелинце предвидено е обраќање на претседателот на Собранието Талат Џафери, по повод Илинден и 75-годишнината од Првото заседание на АСНОМ, свежо цвеќе ќе биде положено и во Смилево пред три спомен обележја: Mогила на Даме Груев – обелиск, споменик на Смилевските илинденци и спомен плоча на Партизанскиот одред „Даме Груев.