Почнуваат Струшките вечери на поезијата


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Со засадување дрвце во паркот на поезијата во чест на лауреатот, кинескиот поет Беи Дао и традиционалното читање на песната „Т`га за југ“ пред Домот на поезијата денеска почнува 54. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата.

Годинашниот добитник на „Златниот венец“, кој пред 12 години беше учесник на фестивалот, по пристигнувањето во Струга истакна дека признанието е многу важно за него, но и оти е среќен што има можност повторно да се сретне со големи поетски имиња од светот.

Престижната награда на Беи Дао ќе му биде врачена в недела на традиционалното поетско читање „Мостови“.

Струга по 54. пат ќе биде претстолнина на поезијата, а фестивалот ќе се одржува пред Домот на поезијата и на отворени сцени во Струга. Истовремено поетски читања, „Поезија на пат“ ќе има и во Охрид, Ресен, Битола и Скопје.

По свеченото отворање во предворјето на Домот на поезијата ќе се одржи меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.

На фестивалската програма предвидени се поетски читања на учесниците од платформата „Версополис“ и традиционалните „Ноќи без интерпункција“.

Поезија ќе читаат и поетите од потесниот избор на наградата „Браќа Миладиновци“, чиј добитник ќе биде прогласен в сабота на прес-конференција. Во честа на јубелејот „50 години Златен венец“ ќе има поетски портрет на Адонис, лауреат во 1997 година.

На 54.Струшки вечери на поезијата ќе учествуваат 44 поети од 29 земји. Присутни ќе бидат имиња во современиот поетски свет од Шпанија, Шведска, Индија, Германија, Норвешка, Австралија, Чиле, Јапонија, Израел, Словачка, Русија, САД, Либан, Мексико, Молдавија.

Извор: 24 Вести