Почна „Пивофест 2019“ – прва вечер од фестивалот на пивото во Прилеп низ фотографии


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Синоќа во централното градско подрачје во Прилеп започна овогодинешното издание на „Пивофест“, фестивалот посветен на пивото.

„Сакам да ве убедам дека сме спремни за почеток на годинешниот ‘Пивофест 2019’. Направени се сите подготовки, спремни се сите штандови, главната бина на која вечер ќе настапат изведувачите“, истакна на вчерашната прес конференција непосредно пред почетокот на манифестацијата, градоначалникот Илија Јованоски.

Градоначалникот потенцираше дека јавните комунални претпријатија се максимално ангажирани околу чистотата на градот, сите останати служби се присутни на терен, безбедносната состојба е на потребното ниво, што гарантира дека „Пивофест 2019“ ќе помине во најдобар ред.

„Годинава на поразличен начин се решава паркирањето на возилата. Имено, паркирањето ќе почне од периферијата кон централното градско подрачје, затоа што на тој начин на сите учесници во сообраќајот и на пешаците, им се дава можност да бидат порелаксирани. Сигурен сум дека во овие 4 денови ќе имаме одлична забава, расположение кај сите граѓани како од нашиот град, така и кај оние од другите градови од нашата држава и од странство кои ќе присуствуваат на фестивалот. Сите нови содржини кои се предвидени ќе му дадат дополнителен ‘шмек’ на овој ‘Пивофест’ и после завршувањето на четвртиот ден, сите ќе бидеме задоволни-и учесниците, и уметниците и пред се’ граѓаните“, рече градоначалникот Јованоски.

„Ми причинува посебна чест што со Неша од Галија ќе настапувам во иста вечер и што ми се оствари еден долгогодишен професионален сон, а тоа е што ќе настапувам и со една од двете најдобри пејачки од екс ЈУ просторите, Ивана Петерс, позната како Ивана ‘Негатив’, што се случи од една целосно спонтана варијанта“, изјави еден од изведувачите во првата вечер, Ѓорѓе Давид.

„Јас сум за прв пат во Прилеп и мислам дека ова е едно прекрасно искуство, една прекрасна екипа и многу ми е драго што сум вечерва со вас. Како што кажа и Ѓорѓе, не очекував вакво нешто и мислам дека вечерва ќе има навистина добра свирка, дека ќе има многу луѓе, што во суштина е и главна цел“, истакна Ивана Петерс, поранешната пејачка на групата „Негатив“.

Фронтменот и пејач на групата „Галија“, Ненад Неша Милосављевиќ напомена дека ова не е негов прв настап во Прилеп и дека добро ја познава прилепската публика.

„Не е случајно што вечерва има ваков состав, бидејќи приметив дека оваа публика има посебна естетика и дека многу ја разбира музиката. Така што не е случајно што алтернативната музика се појавува како еден од елементите и тоа трае многу години. Да речеме, јас прв пат бев овде пред отприлика 30 години и ја имав таа чест во повеќе наврати да доаѓам, во различни варијанти. Секогаш имав публика која многу се разбира во она што ние го работиме на сцената и тоа секогаш ни ја олеснуваше работата. Верувам дека и вечерва ќе биде исклучително добро, бидејќи наспроти нас нема да стојат некои кои не знаат што ќе слушаат, туку точно знаат што ќе слушнат. Тоа е многу полесно за нашиот репертоар, бидејќи не мора да вршиме некоја селекција што многу често ни се случува на други места. Прилеп е посебен град и овде мора да се внимава како се свири, бидејќи овде луѓето знаат што е музика“, потенцираше Неша од групата „Галија“.

Покрај настапите на познатите музички имиња на главната сцена, синоќа (како што ќе биде и сите останати вечери) забава имаше и на алтернативната сцена од Камена бина.