Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Одбиен првиот финансиски „напад“ на Пари Сен Жермен на новата сензација на францускиот фудбал која игра во редовите на Монако.
Тоа не е чудно. Тоа е реалност во сегашноста на европскиот фудбал и иднина на светскиот фудбал. А во сета оваа финансиска фрка која допрва ќе следува, една константа е непобитна: „Килијан Ембапе е играч за големи дела!“
Не е тоа така само поради неговата ефикасност во осминафиналето од Лигата на шампионите, кога го трасираше патот на Монако до четвртфиналето преку победа над Манчестер Сити, ниту поради погодоците кои во првата сезона од професионалниот фудбал го издвојуваат од, на пример, Кристијано Роналдо и Лионел Меси кога тие беа на негови години, туку она кое не се мери со статистички нумерации. Кој што го гледаше остана импресиониран од начинот на играта, леснотијата на движењата и завршниците со кои ги разоружува противничките одбрани.
А кога е таква ситуацијата, цената вртоглаво расте. Беше само прашање на време кога ќе се јави ПСЖ, еден од платежно најмоќните клубови на светот. И да, се јави.
Ле Паризиен тврди дека „Светците“ се спремни да платат 80.000.000 евра (80 милиони) за напаѓачот кој брзопотезно ги освои симпатиите на фудбалскиот свет, па и селекторот на Франција, Дидие Дешан, кој го викна во репрезентацијата. За момче од 18 години – 80 милиони евра?!
Можеби вреди, бидејќи пазарот често, но не секогаш, знае да биде непогрешливо точен во одредувањето на цената на еден поединец. Парижаните не се обратија со официјална понуда до Монако, туку само пласираа таква вест во медиумите, чисто да го испитаат пулсот. Играат по малку и на чувствата на Килијан Ембапе, потсетувајќи го меѓу редови дека треба да се врати во Париз, бидејќи родум е од Бондиј, област од главниот град на Франција. Таму порасна, таму научи да игра фудбал, но таму им се протна и на скаутите од ПСЖ. Дури и Ле Паризиен го потсети дека неволно отишол во Монако, кои го грабнаа во јуни, 2013, кога имаше само 15 години. Наводно, не сакал да оди на Луј II, надевајќи се на понуда од „Паркот на принцовите“, но не ја дочека.
Монако го врза со договор до летото 2019 година, за плата од 85.000 евра месечно, односно 1.020.000 евра годишно. Далеку од тоа дека во целост имале доверба во него, поради што во зимата се шушкаше дека планираат позајмица во Бајер Леверкузен.
Пред челниците на Монако е финансиски предизвик: Да го продадат одма или да чекаат уште некоја година? Со оглед на фактот дека имаат пари, не чуди што брзопотезно стигна одговор од Насер ал Келаифи дека е спремен да искешира 80.000.000 евра.
„Нема да го продадеме во ПСЖ. Ќе го задржиме. Размислуваме да му понудиме продолжување на соработката“, изјави неименуван извор од раководството на Монако.
Можеби „Кнезовите“ навистина сакаат да го затресат фудбалското тло во Франција, дека тие сега владеат како што со години тоа го правеше ПСЖ. Особено што освен Ембапе, имаат млада, полетна и напаѓачки настроена екипа која играта ја краси со одлични потези, со Бакајоко, Лемар, Бернардо Силва, Фабињо и компанија.
Повторно, да повториме, денес фудбалот е бизнис, па не треба да не чуди ако некој се понуди да искешира повеќе од 80 милиони евра и да го собори светскиот трансфер рекорд на Пол Погба и Манчестер Јунајтед. А тоа значи дека, освен ПСЖ, во конкуренција се само Баерн, Челзи, Манчестер Јунајтед, Сити, Барселона и Реал, кои одамна ги импресионираше.