Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Линда Трип, американската државна службеничка која ја откри љубовната афера меѓу бившиот американски претседател Бил Клинтон и службеничката Моника Левински, почина на возраст од 70 години од рак на панкреасот. Информацијата за нејзината смрт за јавноста ја споделија членовите на нејзиното семејство.
Трип стана позната во 1998 година кога во процесот за отповикување на американскиот претседател Клинтон приложи снимки со Моника Левински кои станаа главен доказ во случајот, пренесе Би-би-си.
Трип, која работеше за Пентагон и која беше пријателка со Левински покрај разликата во старост од 24 години, дознала дека Левински имала сексуални односи со претседателот и почнала тајно да ги снима нивните разговори 1997 година.
Таа снимките ги достави до јавното обвинителство на Кенет Стар кој ја предводеше истрагата за Клинтоновата админстрација. Откри и дека Левински има син фустан на кој беа најдени докази дека имала врска со претседателот.
Трип велеше дека доказите за аферата ги предала заради патриотизам, а многумина ја обвинија дека е предавник на пријателството.
„Жал ми е заради се што се случи и ја мразам Линда Трип“, рече во сослушувањето во 1998 година Левински.
Трип беше отпуштена од работа во Пентагон на последниот ден од владеењето на Клинтоновата администрација во 2001 година, по што отвори продавница во Вирџинија.
Сепак, кога Левински дозна дека Трип е болна напиша дека го поддржува семејството и дека се надева оти ќе закрепне.