Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Синоќа во Штип, на 62-годишна возраст ненадејно почина реномираниот бизнисмен Ванчо Богдов. Богдов во македонската јавност стана познат по својот потег од пред две години кога својата фабрика „Вабо“ ја даде на користење на работниците за тие да менаџираат со неа преку избран менаџмент составен од искусни конфекционери и квалитетни инженери.
Како што вели менаџментот, тој цело време им помагал, па на почетокот од годинава заедно сумирале дека претходната година ја завршиле успешно со добри и редовни плати, со обезбеден извозен пазар и со успешно стопанисување во услови на енергетска криза, пренесува СДК.
„Неговите совети беа драгоцени, помошта што ни ја пружаше беше неизмерна. Ни даваше идеи како да ја пребродуваме општата економска криза и како да се справуваме со високите цени на енергенсите. Од него научивме многу, но неговото присуство и неговите предлози секогаш ќе ни недостасуваат. Сите вработени сме во шок. Во знак почит фабриката ‘Вабо’ денешниот и утрешниот ден ги прогласува за денови на жалост и фабриката нема да работи“, вели менаџментот.
Како поранешен спортист и спортски работник, Богдов беше претседател на најтрофејниот боречки клуб во Македонија, Балканец од Штип, во последните години практикуваше да трча и пешачи по патеките во Штип, најмногу покрај коритото на реката Отиња. На еден од пешачките мостови на реката синоќа го добил првиот срцев удар. Минувачи, меѓу кои и студенти по медицина, го реанимирале, го пренеле во болницата каде починал.
Богдов во пошироката јавност беше познат и како голем хуманист и ктитор. Во 2010 во населбата Балканска кај Штип почна да ја гради црквата „Св. Константин и Елена“, која е осветена и првата литургија е одржана во 2015. Говореше дека кај него секогаш била присутна мислата да изгради црква затоа што единствено црква не може да се продаде и со векови ќе остане на народот .
Според семејството, Богдов ќе биде погребан утре, а ќе се одржи и опело во црквата „Св. Константин и Елена“. Богдов има два сина од кои едниот последниве години живее и работи во Австрија.