Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Еден од најзначајните светски уметници и основач на италијанското движење Arte Povera (Сиромашна уметност), грчкиот вајар и уметник, Јанис Кунелис, почина на 80-годишна возраст во Рим, Италија, каде живееше од ’50-те години на минатиот век.
Роден е на 23 март, 1936 година, во грчка Пиреја. Во Италија живееше и работеше од 1956 година, кога таму отиде да студира на Академијата за уметности во Рим.
Првата самостојна изложба ја имаше во 1960 година во Ла Тартаруга галеријата, а негово најпознато рано дело е инсталацијата Cavalli во галеријата Л’Атико, во Рим, 1969 година, која направи значаен пресврт во светот на уметноста, бидејќи во галерискиот простор Кунелис внесе дванаесет живи коњи и ги врза за ѕидовите. Од тогаш до денес, неговите дела имаат круцијално значење за изучувањето и согледувањето на тенденциите во историјата на современата светска уметност. Оваа инсталација одново беше поставена во Њујорк, во јуни 2015 година.
Во своите инсталации воведуваше и нови материјали, како чад, јаглен, челик, месо, пронајдени дрвени објекти, парчиња камен и слично.
Угледот го стекна благодарение на педагошката дејност, пред сè каок професор на Академијата на уметности во Дизелдорф, каде предаваше од 1994 до 2000 година.
Неговиот труд беше насочен кон помош на студентите да пронајдат и развијат сопствена поетика која ќе носи минимални траги од влијанијата на школите и професорите и која ќе биде во постојана борба против догмите.
Во 2004 година во сараевското Собрание ја постави уникатната инсталација „Вратите на Сараево“, која е проценета како едно од неговите најзначајни дела. Кунелис е уметник кој своите дела ги има изложувано буквално на сите страни од светот.