Почина архитект Петар Муличкоски – еден од великаните на македонската архитектура


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Денеска, 8. август, 2022 година, на 93-годишна возраст почина уште еден великан на македонската архитектура, архитект Петар Муличкоски.

Творештвото на архитектот Петар Муличкоски е мошне разновидно и опфаќа од урбанистичко и архитектонско проектирање и ентериери до меморијална и пејсажна архитектура, а може да се истакне и неговиот специфичен израз во негувањето на цртежот што е една од спецификите на неговото воспитание како архитект од класата на проф. Едвард Равникар на Љубљанскиот универзитет. Се занимава и со научноистражувачка работа и со публицистика, долгогодишен професор во областа на урбанизмот на факултетот во Скопје, каде ги пренесува искуствата од своите професионални посети на архитектонските бироа на светски познатите архитекти од САД. Повеќето од неговите креации се со антологиска вредност.

Тој беше автор на оригиналната зграда на Владата, изградена во 1970, а без негова согласност, во 2011 владата на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски ја смени фасадата во барок за што потроши 22 милиони евра. Муличковски е автор и на објекти кои се трајно обележје на македонската современа архитектура – Народна и универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ од 1971, Спомен-костурницата во Кавадарци од 1974, Стопанска банка во Скопје од 1974 и многу други.

Петар Муличкоски е роден 1929-та година во Прилеп, од 1949 до 1957 студира архитектура на Техничкиот факултет во Љубљана. Во 1959 е избран за редовен асистент на Техничкиот факултет во Скопје, а во 1967 за доцент и во 1978 за редовен професор на истиот факултет.

Во 1960-те престојувал во САД во светски архитектонски бироа и во студиото на Френк Лојд Рајт во Аризона, во школата на Мис Ван дер Рое во Чикаго и во студиото на Чарлс Имс во Чикаго. Имал стручни престои и во во Шведска, Данска, Швајцарија, Италија и Грција.