Почина академик Иван Доровски – еден од најпосветените промотори на македонската литература и култура во Чешка


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Рано изутринава почина Иван Доровски, професор на Катедрата за балканистика на универзитетот во Брно, кој важеше за еден од најголемите и најпосветени промотори на македонската литература и култура во Република Чешка, преведувач на бројни македонски литературни дела на чешки јазик.

Доровски е роден во 1935 година во костурското село Чука, Егејска Македонија. Споделувајќи ја судбината на многу негови врсници, се наоѓа во колоната на егзодусот на Македонците и животната судбина го носи во Чешка. Таму свива ново огниште и во неговото Брно завршува Филозофски факултет. Во 1966 година како асистент на матичниот факултет во Брно ја одбранува кандидатската дисертација „Рајко Жинзифов и руската и украинската литература“, а во 1974 година докторира со трудот „Чешка и Балканот“.

На Филозофскиот факултет во Брно предаваше литературна историја на балканските народи и ги водеше вежбите по македонски јазик за студентите што студираат југославистика. Списокот на научните, стручните и публицистички трудови на д-р Иван Доровски содржи околу 600 единици, од кои повеќето, со неизмерна љубов се посветени на Македонија и на македонскиот јазик. Беше суптилен преведувач на бројни македонски поетски и прозни книги. И самиот беше автор на неколку поетски книги. Особено значајни се неговите трудови на за јазикот на Рајко Жинзифов и Крсте Петков Мисирков како наддијалектен јазик како македонски јазичен модел во кој се изразени обидите за „определување на нормите на македонскиот литературен јазик врз национална основа“.

Во 1979 година Иван Доровски е избран за член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав. Тој даде и бележит придонес во растежот на Семинарот за македонски јазик чијшто учесник беше долги години.