Advertisements
Филм / ТВ

Победничка „Златна мимоза“ за „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во Херцег Нови

Македонскиот игран филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ режисерски потпишан од Теона Стругар Митевска ја освои главната награда „Златна мимоза“ за најдобар филм на овогодинешното издание на филмскиот фестивал во црногорскиот град Херцег Нови, соопшти денеска продукцијата „Сестри и брат Митевски“.

Оваа десетта награда во низа за овој филм ја додели петчлено жири во состав Дуња Клеменц, продуцент од Словенија, Винко Брешан, режисер од Хрватска, македонскиот актер Никола Ристановски, Јелена Мишељиќ, продуцент од Црна Гора и српскиот режисер Никола Ључа.

Во образложението на наградата жирито оценува дека „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ претставува „политичко провокативната модерна бајка, која одекнува, боли и засмејува“.

Продукцијата „Сестри и брат Митевски“ информира дека во текот на август филмот ќе биде прикажан на седум фестивали ширум светот, меѓу кои и Филмскиот фестивал во Мелбурн, Меѓународниот филмски фестивал „Исток и Запад“ во Русија, на отворањето на Фестивалот „Меѓународен женски филм“ во Сеул, на Сараевскиот филмски фестивал, како и на Венецијанскиот филмски фестивал, каде ќе биде емитуван како еден од трите кандидати за престижната награда на Европскиот парламент, „Лукс“.

Advertisements
To Top