По светот вака се монтираат фотоволтаици, а кај нас се пустат лозови насади за фотоволтаични централи


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Лозовите насади во тиквешијата се пустат поради напливот на инвестирање во фотоволтаици во Македонија.

Од десетици хектари лозов насад во тиквешкиот регион не остана ништо, откако фирми од земјава купија лозја од неготинци, со цел таму да градат фотоволтажни централи, пренесува „Фокус“.

Како што појаснија за ,,Фокус” дел од лозарите кои ги продале лозјата на фирма, чиј сопственик не го знаат, туку биле контактирани преку посредник од компанијата која ќе ги гради централите, интересот бил голем најмногу поради поволната местоположба и сончевите денови.

Пред неколку месеци беа продадени околу 60-70 декари површина со лозов насад, во близина на Криволак, а сега веќе не остана ништо од насадот, туку местата се рамнат и се подготвуваат за изградба на фотоволтажните централи. Од корен се исечени и многу дрва кои лозарите своевремено ги посадиле покрај лозјата.

Виновата лоза која е долгогодишна култура, го отстапува местото на панелите, и на земјиштето каде до неодамна се одгледуваше грозје, ќе изникнат централите за производство на електрична енергија од сончеви зраци.

Фотоволтажните централи не се ништо ново во светот. Последниве години многу се изградија и во соседна Грција, а во земји кои се познати по винарството, како на пример Франција и Шпанија, ги има од поодамна. Но, разликата е што во Франција и Шпанија не се отстранува лозовиот насад за да се градат централите, туку тие се градат на неколку метри над насадот.

Според тамошните експерти од областа на лозарството, да се постават панелите над лозовиот насад имало повеќе предности. Со тоа се штител насадот од невреме, но и од директна изложеност на сонце.

-На овој начин, виновата лоза е заштитена од климатските промени, од силен дожд и град, но докажано е и дека се штеди со наводнувањето, бидејќи е потребно помалку вода – пишуваат француски и шпански медиуми посветени на лозарството.

Ова е нов начин за да се постави баланс помеѓу агрокултурата и фотоволтажната енергија, појаснуваат експерти од шпанската енергетска компанија Ибердрола која стои зад проектот Winesolar.

Околу тоа зошто кај нас не се искористат панелите на ваков начин за да се сочува и лозовиот насад, лозарите само одмавнуваат со рака.

Велат дека не гледаат иднина во лозарството, бидејќи младите генерации ретко се решаваат да ја продолжат традицијата, и кога им било понудено да ги продадат лозјата, не размислувале многу.