„По повод најновиот напад на нашиот јазик“: Одговорот на Конески на бугарските напади како да не е пишуван во 1948 година, туку денес


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Великанот на македонскиот јазик и литература, Блаже Конески, во неговата книга „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, во 1948 година, реагира на статија во бугарскиот весник „Работническо дело“ од организациониот секретар на Бугарската комунистичка партија, Георги Чанков, под наслов „Предавниците на социјализмот и на македонското дело“.

Конески во книгата подробно и аргументирано ги раскринкува сите назадни тези на великобугарштината, а идентичноста на денешниве бугарски „аргументи“ со оние верглани од нив пред 70 години го прави неговиот одговор како да е пишуван денес наместо во ’48 и како наместо на тогашните чанковци, да им е упатен на денешниве каракачановци и ковачевци.

„Можеше ли оформувањето на нашиот јазик да биде појава случајна, дури измислена? Се разбира дека не можеше. Појавата на нашиот литературен јазик дојде како природен резултат од нашиот национален развиток во новото време, дојде како виден израз за оние процеси што се извршуваа во животот на нашиот народ и што го обусловуваа неговото оформување во современа нација. А токму тоа беше она што хегемонистите нејќеа да го знаат и признаат.“

„Не само што во Пиринска Македонија се оспорува употребата на македонскиот јазик, ами и воопшто се поставува под голем прашалник правото на тој јазик да постои и да се развива во фамилијата на современите славјански литературни јазици. Жално е ама факт е: место да ги употребиме нашите сили за некаква друга, покорисна работа, ние сме денеска принудени да се ангажираме во одбрана на основните постиженија на нашиот народ низ неговата борба, од оние, од каде што најмалку се надевавме на напад“, пишува Конески.

„Но нека знаат едно таквите луѓе. Тие можат колку сакаат да го презираат македонскиот литературен јазик, тврдејќи дека неговата појава значи регрес, македонскиот литературен јазик нема од тоа да биде помалку жива историска стварност, без оглед дали и како на некои им ујдисувало.“

„Дали Коста Рацин, прашува Конески, еден од основателите на нашата современа литература и јазик, загинат во 1943 година, ги пишуваше своите „Бели мугри“, опевајќи го мачниот живот на нашите селани, тутуноработници, печалбари, на нашиот црнотрудов народ, дали ги пишуваше тој своите песни за македонската земја по наредба од Белград и на јазик „создаден по диктат на Ѓиласа“? Ние не знаевме дека јазикот на „Ленка“, „Тутуноберачите“, на тие песни што уште кога се јавија, се разнесоа насекаде по Македонија, трогнувајќи го до солзи срцето на нашиот работен народ, бил јазик „вештачки“, создаден по диктат и што насила му се натурал на македонскиот народ.

Не, велиме ние, не е така! Не е тоа јазик создаван под никаков диктат, следствено вештачки, мртов. Тоа е јазик жив, на којшто моќно за својата слобода зазборува македонскиот народ. Тоа е јазик на една извонредно богата и убава народна литература. Денеска тој, по силата на нашиот национален развиток, се издигна до степенот на современ литературен јазик, денеска тој стана јазик на уметничка литература, денеска тој се доразвива и ги умножува своите функции. Тој е јазик што ја циментира со врската на заедничката култура македонската нација. И на тие што удирајќи против нашиот јазик лицемерно тврдат дека не работат против нашата нација, ние ќе им одговориме дека прават нешто повеќе: посегаат во светаја светих на македонскиот народ.“

Зборувајќи за србизмите и бугаризмите во македонскиот јазик Конески во книгата вели: „нам ни се чини дека можеме со сигурност да тврдиме оти за ова време од бугарскиот јазик не сме зеле помалку одошто од српскиот. Се разбира, дека е тоа наша внатрешна македонска работа што и како ќе заемаме во нашиот јазик, и во тој поглед не ни се нам потребни никакви тутори пред кои што ќе полагаме сметка, иако има ете и такви луѓе што од некаде си го припишуваат тоа право да се претставуваат поголеми доброжелатели на нашиот јазик отколку што сме ние самите. Но ние го изнесуваме тоа, за да се покаже дека нивната безочност оди дотаму што претендираат да турат монопол на македонскиот јазик.“

Чанковото „псевдомарксистичко жонглирање не може да ја прикрие вистината дека тој удира по македонскиот јазик имено како по еден елемент на македонската нација, што значи просто и јасно дека тој удира против македонската нација како таква. Неговото личи, како да му речеш на некој човек: не ти е десната рака најважен дел на телото, и без неа можеш да живееш, да бидеш пак ти, дај да ти ја ампутираме.“

„Од досегашното расправање ние видовме на ошто се држат тврдењата дека нашата нација била вештачки создавана, дека нашиот јазик бил измислен и формиран по некаков диктат итн. Сето тоа се бладања на луѓе што сакаат да ги гледаат работите онака како што е во нивни интерес, а не онака како што стојат тие во самата историска стварност. Никој подобро од нас, што ја строиме денеска слободно нашата земја, што ја сеќаваме поезијата на сестраната економска и културно-политичка преродба во неа, – не ја узнава сета мизерија и мрачност на таквите бладања“, истакнува Конески тогаш.

„Но нивните поруги за нашиот јазик им се враќаат на глава. Нема нас во нешто да нѐ поколебаат. Имаме ние еден одговор многу посилен од сите нивни „аргументи“: со уште поголема енергија ќе се нафрлиме да го описмениме, да го издигнеме нашиот доскоро поробен народ до придобивките на културата – имено на овој негов литературен јазик, најмил и најблизок.“

Извор: МКД.мк