По пауза од една година, викендов ќе се одржи Галичката свадба


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


По пауза од една година поради пандемијата, претстојниот викенд продолжува традицијата на одржување на прочуената културно-сценска манифестација „Галичка свадба“.

Манифестацијата се одржува секоја година на Петровден во селото Галичник. Богата е со многу единствени свадбарски обичаи и ритуали. Секоја година посебна комисија избира двајца млади кои ќе се венчаат на Галичката свадба.

На годинешното 47 издание од оваа автентична манифестација, судбоносното „Да“ во живописниот Галичник ќе го кажат Катерина Илиевска и Филип Бундовски, кој е по потекло од Галичник.

„Ние сме многу среќни што се создадоа услови оваа година да продолжиме со оваа вековна традиција на Мијаците, која секако зазема посебно место во богатото македонското културно наследство. Подготвени сме да ги пречекаме и да им посакаме добредојде на сите посетители од земјава и странство кои ќе дојдат во Галичник да ги видат и одново да им се воодушевуваат на уникатните свадбарски обичаи и адети, проследени со богатиот колорит на народни носии и изворните песни и ора карактеристични за овие македонски краеви“, изјави Александар Костиќ од организацискиот тим на Месната заедница Галичник.

Тој напомена дека од организациски аспект ќе бидат преземени сите превентивни мерки за заштита на здравјето на учесниците и посетителите, истовремено упатувајќи апел до сите што ќе дојдат во Галичник да ги почитуваат мерките и препораките за заштита од Ковид-19.

Покровител на годинешната Галичка свадба е Претседателот Стево Пендаровски, а еден од традиционалните поддржувачи на манифестацијата и годинава е Министерството за култура.