Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Писмо во кое славниот физичар и научник Алберт Ајнштајн експлицитно ги отфрла постоењето на Бог и религијата ќе биде ставено на аукција во декември. Ова ќе биде вторпат истото писмо да оди на аукциска продажба откако познатиот физичар го напишал една година пред смртта.
Ајнштајн го напишал писмото до еврејски филозоф во 1954 година и тоа предизвикало сензација кога првпат излегло во јавноста на аукциска продажба во 2008 година – заедно со недвосмислениот проглас на Ајнштајн: „Зборот Бог за мене не е ништо повеќе од израз и производ на човековите слабости, а Библијата збирка на благородни, но сепак примитивни легенди, кои и покрај тоа се прилично детски.“
Кога Ајнштајн бил дете, напиша Денис Брајан во својата книга „Ајнштајн: живот“, тој некое време бил толку побожен Евреин што напишал „песни во слава на Бога, кои ги пеел на одење и враќање од своето средно училиште“.
Тоа се сменило на 13-годишна возраст, кога Ајнштајн се заинтересирал за сложената математика и филозофија, и „го напуштил својот некритички религиозен жар, чувствувајќи дека бил измамен да верува во лаги“.
Но тој не станал атеист. Како што Јуџин Малоу напишал за Вашингтон пост во 1985 година, Ајнштајн верувал во она што тој го нарекол „космичка религија“ – што помалку било религија, а повеќе „восхит кон хармонијата на природниот закон, што открива интелигенција со таква супериорност што, во споредба со неа, сето систематско размислување и дејствување на човечките суштества е сосема незначаен одраз“.
„Не можам да замислам Бог што ги наградува и ги казнува своите суштества, или што има волја од типот на онаа што ние ја доживуваме во себеси“, напишал тој во есеј во 1931 година.
Ајнштајн сепак често зборувал за „Бог“, и поради тоа понекогаш луѓето погрешно мислеле дека е верник. Но тој го употребувал зборот како метафора. „Богот на Ајнштајн беше самиот Универзум, а не некој надворешен ‘голем куклар што ги влече конците’“, пишува Малов.
А за Ајнштајн, најдлабоките тајни на универзумот беа исто толку непоимливи како што е Божјиот ум за еден теолог.
Така физичарот со интерес ја прочитал книгата објавена во 1952 година од страна на филозофот Ерик Гуткинд, кој се обидел да ги венча еврејската духовност и интелектуализмот, тврдејќи дека потрагата по наука може и ќе ги натера луѓето целосно да го разберат Бога.
„Како што Ајнштајн продуховено забележа“, напишал Гуткинд во книгата, „најфасцинантната карактеристика на универзумот е тоа што универзумот може да биде запознаен“.
Рецензијата на Ајнштајн била љубезна, но прилично сурова.
„Последниве денови прочитав голем дел од вашата книга и многу ви благодарам што ми ја испративте“, му напишал тој на Гуткинд во 1954 година, пред да го искаже својот став за „човечките слабости“ и „примитивните легенди“.
„За мене еврејската религија како и сите други религии е инкарнација на најдетските суеверија“, напишал Ајнштајн, според преводот на Гардијан на неговиот ракопис на германски, „а еврејскиот народ, на кој со задоволство му припаѓам и кон чиј менталитет имам длабок афинитет, за мене нема поинаков квалитет од сите други народи.“
Не е јасно што го направил Гуткинд со писмото ниту како тоа ненадејно се појавило во 2008 година, кога Асошиејтед прес напиша дека некој со „страст кон теоретската физика и кон сè што оди со неа“ го купил на аукција за 404.000 долари.
Во 2012 година писмото повторно се појави на Ибеј по цена од најмалку 3 милиони долари, но очигледно никогаш не било продадено.
Аукциската куќа Кристи очекува дека писмото ќе се продаде за 1 до 1,5 милиони американски долари, кога ќе почне да се продава во Њујорк во почетокот од декември, по серијата јавни изложувања.