Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Бугарскиот писател Георги Господинов ја доби престижната Букерова награда за неговиот роман „Засолниште во времето“, книга чија содржина стравично добро кореспондира со актуелната војна на Русија во Украина, пишува Дојче Веле.
„Склони сме да живееме во минатото, да ја забиваме главата во песок и да бегаме од сегашноста. Понекогаш, дури мислиме дека минатото е нашата иднина“, изјавил Георги Господинов во разговор за Дојче веле.
Во својот роман „Засолниште во времето“, кој во март 2022 се појави во германски превод, бугарскиот автор слика еден свет во кој луѓето бараат прибежиште во минатото. Првобитно замислената терапија за заболените од Алцхајмер и деменција, станува дистопија: во една европска земја со референдум е избрана една деценија во која сите сакаат да се вратат. На крајот на романот, тоа води кон избувнување на Трета светска војна.
За Господинов, книгата е предупредување, кое со војната на Москва против Украина, во моментов станува реалност. „Војната против Украина е референдум за руското минато. Според планот на Путин, прво е потребно воспоставување на статус квото пред источното проширување на НАТО од 1997 година. Потоа на ситуацијата од 1991 година по распадот на Советскиот Сојуз, и крајно, треба да се врати назад времето од 1 септември 1939 година, почетокот на Втората светска војна“, вели авторот.
Писателот гледа бројни паралели со 1939 година. „Путин влезе во војна со Украина со образложение дека Украина едноставно не постои – што потсетува на начинот на кој Сталин на 17 септември 1939 година вмаршира во Полска. Втората светска војна започна на 1 септември 1939 година во 4:47 часот утрото, инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 неколку минути подоцна.”
Национализмот ѝ се заканува на Европа
Својот роман Господинов го дополнува со еден лајтмотив: „И кога погледнаа наназад, ја видоа својата иднина“. Писателот верува дека национализмот, а со него и повторувањето на минатоот, денес е најголемата закана за Европа: „Европа би требало да биде резистентна на овој вирус, но тој сепак се повеќе се шири во изминативе години“, вели Господинов.
54-годишникот е еден од интернационално најпознатите бугарски писатели. Неговиот првенец „Природен роман“ (1999) е најпреведуваната бугарска книга по падот на комунистичката диктатира во 1989 година. Анимираниот филм според неговиот краток расказ „Слепата Вајша“ (2001) на доделувањето на Оскарите во 2017 година беше номиниран за најдобар краток филм. Англискиот превод на „Засолниште во времето“ во 2021 година ја доби реномираната италијанска литературна награда Премија Стрега.
Британскиот весник „Тајмс“ дури го нарече авторот „бугарски Џорџ Орвел“. Од книгата на Орвел, „1984“, потекнува реченицата: „Оној кој го контролира минатото, ја контролира иднината“. Господинов ја актуелизира оваа мисла: денешните националистички движења се обидуваат да го заменат историското сеќавање на луѓето со едно лажно минато, смета писателот.
Во неговиот роман, Бугарите на референдумот за избор на деценија во која би сакале да се вратат, на располагање имаат две алтернативи: можат да изберат меѓу враќање во руски доминиран „реален социјализам“ пред 1989 година или да се одлучат за неодредена, од национализам жигосана „златна ера“. На крајот победува мешавина од двете.
Бугарски патриоти со руски знамиња
Токму тоа го набљудува сега Господинов во својата татковина, каде многу Бугари се залагаат против поддршка на Украина од нивната земја. Учесниците на т.н. „мировни демонстрации“ тврдат дека се бугарски патриоти кои демонстрираат за неутралност на Бугарија– но фактички, на нивните маршеви се веат руски знамиња.
Звучи парадоксално, но во Бугарија е реалност: „Кога човек не знае како да се однесува кон меморијата, сеќавањата, тогаш веднаш изникнуваат трговци со минатото. Тие продаваат измислено, пластично, нашминкано минато, каде е сеедно дали се веат бугарски или руски знамиња“, вели Господинов.
Преживување на човештвото
На бугарски, „Засолниште во времето“ е игра на зборови со зборот „противвоздушен бункер“, „засолниште од бомби“.
„При изборот на насловот стравував дека припадниците на младата генерација можеби воопшто нема да знаат што е противвоздушен бункер. Тогаш наивно верував дека овој збор во меѓувреме е само дел од историјата и литературата. Сега е можно да стане збор на годината“, вели писателот.
Господинов во сегашната ситуација гледа борба за преживување на човештвото. „Војната некогаш ќе заврши, но нашите спомени на неа остануваат, а тоа е она што е важно“, верува Господинов. „Ќе продолжиме да размислуваме за војната и да ја доживуваме, оттаму е многу важно какви се нашите сеќавања на неа. За таа да е и да остане последна замислива војна“, вели авторот.