Петров, Ивановски и Наков од „старата гарда“ на СДСМ се враќаат активно во партијата


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Дел од „старата гарда“ на СДСМ, на чело со докторот Андреј Петров и поранешните високи партиски функционери Игор Ивановски и Леонид Наков, но и професорот Мишко Ралев се враќаат како активни чинители во СДСМ, а се очекува да бидат промовирани на денешниот Централен одбор на партијата.

Новиот партиски лидер, Димитар Ковачевски, треба да ги претстави денеска, а нивните имиња веќе беа објавени во текот на вчерашниот ден. Дали сите овие влегуваат повторно на високи позиции во партијата ќе потврди самиот Ковачевски иако според нашите информации Петров и Ивановски се сигурни. Лекарот ќе биде член на Извршниот одбор на партијата, а Ивановски ќе биде промовиран како раководител на новиот Совет за креирање и имплементација на политики во СДСМ кое ќе биде советодавно тело.

Универзитетскиот професор Игор Ивановски беше дел од претседателскиот кабинет на Бранко Црвенковски, а утре се очекува да биде назначен на функција од централниот одбор на партијата.

СДСМ денеска бира ново раководство. Треба да бидат избрани четири потпретседатели, а меѓу нив вицепремирот Фатмир Битиќи, градоначалникот на Валадново Петар Костадинов, пратеничката од Битола Бисера Костадинова Стојчева која стана „популарна“ откако во Собранието дојде во скафандер и гласаше за помош преку корона мерките.

За нов генерален секретар на партијата повеќе од извесно е дека ќе биде Миле Зечевиќ кој беше дел и од кампањата на новиот претседател на партијата Димитар Ковачевски. Тој ќе го наследи досегашниот Љупчо Николовски.

Веќе во „Click Plus“ на ТВ21 министерот за внарешни работи најави дека си заминува од партиските функции, а неизвесна е неговата функција во Владата.

„Тој избор сепак треба да го направи од можеби нови луѓе, затоа сметам дека не треба да бидам дел од новиот тим се со цел да не го обременуваме ниту претседателот ниту новиот тим. Сепак треба можеби други луѓе, нови луѓе. Кога зборуваме за нови луѓе не мислам за луѓе кои што не растеле, не се граделе низ структурите на партијата, луѓе кои што имаат може и повеќе енергија и една поинаква визија, а ние ќе бидеме секако тука, рамо до рамо да помогнеме“, вели Оливер Спасовски.

Во СДСМ следува период на промени, а во тоа клучна е улогата на младите социјалдемократи, порача новиот претседател на партијата, Димитар Ковачевски на завршниот настан на Политичката академија за социјална демократија во организација на Прогрес институтот.

„СДСМ во периодот кој следи мора да се менува, а вие мора да бидете носители на таа промена. Има многу работа пред нас, за да ги промениме работите, но тоа почнува од промената на самите себе. Младината е можеби и најважниот дел од едно општество и должна е да ја обликува сегашноста, но и иднината во тоа општество. Младината не смее да седи на страна и чека, туку да преземе акција, да го дигне гласот и да се бори за својата иднина. Гласот на младите и нивните потреби е глас кој јас како лидер ќе го слушам“, вели Димитар Ковачевски.

Од можните нови имиња од СДСМ во власта, се споменуваат имињата на Нина Фити, како министерка за труд и социјална политика, а за истото место во игра е и името на владиниот советник за труд и социјална политика Милан Живковиќ, Бојан Маричиќ би го заменил Никола Димитров на местото вицепремиер за евроинтеграции, Петре Шилегов е можен нов министер за транспорт и врски, вицепремиерот Љупчо Николовски можно е да се врати во Министерството за земјоделие, на негово место, вицепремиер за борба против корупцијата, се споменува Соња Лукаревска, актуелната директорка на УЈП и заменик потпретседателка на СДСМ

Според најавите шефот на државата Пендаровски во среда ќе го му го предаде мандатот за нова влада на Ковачевски. При тоа тој, нема да побара писмена потврда од најмалку 61 пратеник кои застануваат за кандидатурата на лидерот на СДСМ, пракса која беше воспоставена од Иванов при предавање на мандатот на Заев, но која ја искористи и Пендаровски минатата година во вториот мандат на премиерот во заминување.

За избор на нова Влада на Ковачевски ќе му биде потребно мнозинство од вкупниот број на пратеници.