Пет судии под истрага од Антикорупциска комисија


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, заедно со судиите Владимир Панчевски, Светлана Костова, Александра Зафировска и Софија Лаличиќ се цел на истрага од Комисијата за спречување на корупција.

Антикорупциската комисија по сопствена иницијатива ќе ги „чешла“ нивните имоти. Сомнежот за можна злупотреба на службените должности и овластувања следеше по објавениот извештај на Стејт Департментот за нетранспарентното работење на судиите поради мешање со политиката.

„По добиени сознанија од Извештајот за човекови права од 2018 година за Република Северна Македонија за злоупотреби и коруптивни дејствија на поединечно наведени судии, Комисијата заклучи да изврши проверка на податоците од анкетните листови,“ вели Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.

Под „лупа“ ќе бидат ставени и имотите на екс министерот Миле Јанакиески, поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски и екс- заменикот за надворешни работи Илија Исајловски.

Претседателот на Комисијата обзнани и дека по допрен глас ќе испитуваат дали судијата Панчевски и екс-министерот Спиро Ристовски вмешале прсти во вработувањата на нивни блиски роднини.

„Јордан Тасевски, внук на судијата Владимир Панчевски од Кривичен суд, Марија Димитровска, внука на Панчевски и Маја Ристовска, сопруга на поранешниот министер Спиро Ристовски, вработена во МАПАС,“ вели Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.

Во листата на веќе постоечките случаи кои ги отвори новиот состав на Комисијата, од денеска влегуваат уште 18 имиња на членови на управни одбори во разни институции, членови на совети на општини и бивши градоначалници. За сите постои сомнение дека извршувале најмалку две функции во исто време.