Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Поранешниот вицепремиер задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, застапуван од адвокатката Светлана Савиќ, обвинет во случајот „Траекторија“ на СЈО, пред Апелациониот суд рече дека е шокиран од обвинението и дека направил многу за државата. Рече дека отворил над 10.000 работни места и со ниту една негова постапка не направил прекршок, пренесува Макфакс.
Пешевски пред Кривичниот совет рече дека е угледен човек, дека бил одличен ученик и студент и дека дел од тезите во обвинението за сметките кои наводно тој ги имал во Македонија и во странство, обвинителите на СЈО ги презеле од портал без импресум „Охридскај“.
Пешевски рече дека наводите на СЈО се лажни и дека одземањето на пасошот е казна уште пред да биде осуден. Како што рече, очекува судењето да почне уште утре за да може да ги чуе наводите од обвинението.
Неговата адвокатка Светлана Савиќ изјави дека жалбата на СЈО за притворот на Пешевски е неоснована и изјави дека ја фасцинира леснотијата со која СЈО ги изнесува фактите.
Таа рече дека не се точни наводите на СЈО дека екс-вицепремиерот има 24 банкарски сметки во 6 банки во Македонија и дека дипломатскиот пасош на кој се повикува СЈО како можност за бегство е поништен.
Обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски, изјави дека Пешевски контактирал со еден од сведоците повикан во СЈО. На тоа адвокатката на Пешевски прочита транскрипт од разговорот помеѓу сведокот и Пешевски во кој, како што рече, се договараат за сведокот да ја каже вистината пред обвинителите на СЈО.
Според СЈО, двајцата останати сведоци кои не се сослушани постои можност да бидат под влијание на Пешевски, со оглед на фактот дека досега не биле во Македонија. Бранителката на Пешевски рече дека СЈО е селективно во барањето притвор, оти од 4 обвинети во „Траекторија“, само за него се бара најстрогата мерка.
На јавна седница денеска беа разгледани жалбата на Пешевски за одземање на пасошот и жалбата на СЈО за неизрекување мерка притвор против поранешниот вицепремиер. Апелација има рок да одлучи по жалбите во рок од 48 часа.