Пендаровски за „Шпигел“: Немаме „план Б“


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Онлајн изданието на германскиот весник „Шпигел“ го пренесува интервјуто со македонскиот претседател Стево Пендаровски кое тој за медиумот го даде непосредно пред неговата посета на Германија. Во ова интервју Пендаровски настапува нагласено оптимистички во поглед на добивање термин за почеток на преговорите за влез во ЕУ, пренесува Дојче Веле.

„Веруваме дека не постојат подлабоки забелешки против почеток на пристапните преговори, туку само технички одложувања. Германија е наш најважен партнер, таа беше еден од актерите на Преспанскиот договор и во Берлин многу добро ја познаваат политичката ситуација во нашата земја“, изјавува Пендаровски за „Шпигел“.

„Шпигел“ пишува дека официјално навистина причина се „технички пролонгирања“, Бундестагот ја одложи расправата и гласањето за ова прашање, но за германската влада очигледно е недвојбено дека Македонија ќе започне пристапни преговори уште оваа година. Но, кај многумина парламентарци има очигледно големи задршки, иако никој не сака да се изјасни јавно и експлицитно. „Шпигел“ продолжува:

„Притоа не станува толку збор за владеењето на правото и проблеми со корупцијата во Македонија, колку за хаотичната политичка ситуација во Албанија, каде конфликтот меѓу социјалистичката влада и опозицијата прерасна во насилство. Иако фактички е речиси неаргументирано, Албанија и Македонија треба да добијат заеднички термин за почеток на пристапни преговори. Пендаровски за ‘Шпигел’ рече дека во минатото при интегратициските прашања постојано имало одвоени преговори за различните земји, но тој лично не бил за тоа.“

Тоа, според весникот, е дипломатски одговор на едно сензибилното политичко прашање, зашто во земјата живеат околу 25 проценти Албанци, а соседот Албанија се чувствува како нивен заштитник.

„Пендаровски беше поконкретен во поглед на корупцијата. Правните стандарди се подобрени по крајот на авторитарно-националистичкиот режим на Груевски во 2016. година, но земјата уште е далеку од постоење независно правосудство. Сегашната коалиција на Социјалдемократите и албанските малцински партии не е многу консеквентна во борбата против конфликтите на интереси и корупцијата во сопствените редови. ‘Сегашната влада може и мора да биде подоследна во борбата против корупцијата и да ја води поконсеквентно, на европски начин, туку уште постои простор’, вели Пендаровски. Тој меѓутоа не гледа алтернатива за што поскоро почнување пристапни преговори со ЕУ. ‘Преспанскиот договор побаруваше огромна храброст и визија, верувам дека тоа го имаат сфатено и во Германија’. Затоа Северна Македонија нема план Б. Пендаровски истакнува: ‘Нашиот план Б е почеток на преговорите до крајот на годината’“, пренесува интернет изданието на „Шпигел“.

НАТО да, ЕУ не – аспирантите од Балкан за прием во ЕУ мора да бидат трпеливи. Во Брисел владее уверување дека земјите ќе се помират со чекачката позиција, пишува „Нојес Дојчланд“ во текстот кој потсетува на одлуката на ЕУ-Советот на министри засега да не почнуваат пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, а за тоа да биде одлучено најдоцна во октомври.

„Пред сѐ еврокомесарот за проширување Јоханес Хан минатата недела покажа разочарување. Со својата одлука министрите го доведоа во опасност процесот на веродостојност, изјави тој на прес-конференција. ЕУ мора да се реши дали ќе преземе улога на ‘играч’ или сака да биде само плаќач, истакна Хан, со што јасно ги отслика тензиите во ЕУ. Досегашната политика на ЕУ за проширување на сферата на влијание се вршеше првенствено преку прием на нови членки. Но, тоа има и една закачка: новопримените веќе беа членки на НАТО и со тоа се врши преклопување со интересната сфера на САД. И кај Македонија пред сѐ притисокот од Вашингтон придонесе за решавање на спорот за името со Грција и со тоа отворање на патот кон членство во НАТО. Но, социјалдемократската влада во Скопје се ниша. Ветените златни времиња не стигнаа, пристапните преговори со ЕУ ќе може барем да дадат впечаток дека се можни идни подобрувања. Меѓутоа, ЕУ-аспирантите од Балкан и натаму се чуваат во чекалница…Се множат гласови дека земјите на тој начин ќе бидат втурнати во непосакувана соработка со Русија или Кина. Но, во Брисел и натаму владее уверување дека ниту домашната буржоазија ниту нејзините политички претставници не стремат јавно кон оддалечување од ЕУ,“ пишува Нојес Дојчланд“.